Alfa Romeo со мал електричен SUV?!
Со помош на PSA, Alfa Romeo сака во 2022 година да ја прошири гамата со мал електричен SUV
Објавено на 3 јуни 2020 година
Кога Giulieta ќе престане да се произведува, Alfa Romeo до идната година ќе остане со само два модела – Giulia и Stelvio, кога семејството ќе биде проширено со хибридниот Tonale. Но не за долго – веќе за 2022-рата со помош на технологиите на PSA треба да се подготви мал електричен SUV. Доколку се оствари ова сценарио, тој ќе ја има истата архитектура како е-2008 и идната Mokka-е, што би значело електромотор од 134 KS и батерија од 50 kWh. Секако, во духот на марката, акцентот ќе биде ставен на перформансите. Тоа би вклучувало и вештачки креиран спортски звук, колку да се обезбедат поголеми емоции при возењето. Сепак, за овој SUV на Alfa малку се знае од проста причина што FCA и PSA прво треба да се договорат за соработка. Доколку не, сé паѓа во вода.


