Multiplay е модуларно возило ги содржи вредностите на семеен кросовер, миниван и пикап наменет за активен животен стил.
Со цел да се спојат просторната ефикасност на многунаменско возило, карактерот на кросовер и разноврсноста на пикап создаден е концепт на возило што ги задоволува потребите на семејство кое ги усогласува работните обврски, училиштето, спортот и активностите на отворено. Визуелно, Multiplay изгледа како еволуција на концептот Fiat Pick-Up од 2024 година, иако има значително пократка хауба, поинаква конфигурација на стаклените површини и ревидиран светлосен потпис што ги задржува LED-елементите во пиксел-стил од моделот Grande Panda.
Се одликува со големо растојание од подлогата и пластични заштитни облоги околу лаковите на тркалата, што му дава изглед на кросовер-миниван. Сепак, најинтересната карактеристика е способноста за трансформација во поинаква каросериска изведба, благодарение на архитектурата што Fiat ја нарекува Метаморфоза. Задниот дел од покривот се лизга нанапред заедно со третиот ред седишта, претворајќи го Multiplay во пикап со четири седишта и отворен товарен простор одзади. Во изведба на пикап, концептот располага со поделена задна врата, покривка за товарниот простор што може да се повлече и паметен систем на модуларниот под за фиксирање на товарот. Покрај тоа, кровниот спојлер може да се ротира, откривајќи интегриран носач за два велосипеда.
Multiplay има должина од 4,45 метри и нуди ентериер со три реда седишта. Уште еден интересен детал е предното совозачко седиште, кое може да се спушти во удобна лежечка положба во комбинација со цилиндричната перница поставена на инструмент-таблата. Нема детали за типот на погон. Сепак, со оглед на тоа што нема простор за мотор со внатрешно согорување во предниот дел, најверојатно станува збор за електрично возило.
Fiat нагласува дека Multiplay не најавува конкретен сериски модел. Наместо тоа, тој е замислен како „лабораторија за решенија за мобилноста на иднината“, што значи дека некои од неговите необични карактеристики би можеле да се најдат во идните модели на брендот. Тој би можел да го примени дизајнерскиот јазик инспириран од моделот Panda и евентуално да го замени Fiat Toro во Јужна Америка.


