Елегантно електрично купе кое ќе се полни за само 10 минути!
Само четири од 14-те брендови во портфолиото на Stellantis ќе добијат 70 проценти од идните инвестиции. Peugeot е еден од нив, заедно со Jeep, Ram и Fiat, а концептот RCZ Vision, претставен на овогодишниот Салон за автомобили во Париз, ни дава јасен показател за тоа како компанијата планира да ги искористи тие средства. RCZ го позајмува името од стилскиот модел на Peugeot – ривал на Audi TT – кој се произведуваше од 2009 до 2015 година. Feline Future (Мачешка иднина) е името што Peugeot го користи за својот нов дизајнерски јазик, за кој брендот тврди дека ги спојува петте принципи: слобода, храброст, елеганција, внатрешна сила и инстинкт. За некој што не е дизајнер, како мене, ова може да звучи како празни фрази, но суштината се сведува на план за автомобили што изгледаат моќно без претерано наметнување и кои не се плашат да ги прекршат дизајнерските конвенции. На пример, користење помали екрани наместо пренатрупување со технологија на екрани на допир. RCZ Vision го прикажува новиот пристап на Peugeot кон препознатливиот светлосен потпис со „три канџи“ на предниот и задниот дел, овојпат поставен хоризонтално. На предниот браник има и микро-перфорирана графика со ознаката RCZ. Силно извајаните странични панели прават истакнатите „рамена“ на возилото да изгледаат уште пошироки, а линијата на покривот е задржана ниско благодарение на тенката батерија со висина од 110 мм. Платформата STLA One поддржува и хибридни мотори, но RCZ ја демонстрира својата изведба како целосно електрично возило. Од Stellantis претходно најавија дека платформата ќе користи електричен систем од 800 волти и LFP батерии, но RCZ замислува понапредна, идна верзија со можност за работа на 1.000 волти и батерија со цврст електролит (со недефиниран капацитет, која може да се наполни од 10 до 80 проценти за 10 минути. Ова купе со моќност од 500 КС ќе има автономија од околу 600 км и троши 11,5 kWh/100 км. Платформата, компонентите за електрични возила, технологијата за управување преку електронски сигнали (steer-by-wire) и системот за автономно возење од ниво L2++ (што овозможува возење без држење на воланот) ќе се применуваат низ целото портфолио на Stellantis.


