Жално, но вистинито…
Заради своето инаетење дека иднината не е кај нив, Toyota од пионер во електрификацијата и предводник со хибридните возила стана маргинален играч кога електричните се во прашање. Работите сега се менуваат но последиците од доцнењето во нивната подготовка се чувствуваат – во август во Јапонија марката има продадено само 18 (со зборови: осумнаесет) електрични возила. Или за првите осум месеци вкупно 469 возила. Колку е ова катастрофално сведочат и другите бројки – побарувачката за моделите на марката на глобално ниво годинава е во пораст за 6,2 отсто, а за електричните за дури 20,6 отсто, достигнувајќи 117.031 примерок, односно 17.056 само во август. Поинаку кажано, марката на домашниот пазар во август пласирала само 1 отсто од својата глобална продажба на електрични модели, односно 4 отсто за првите осум месеци годинава. Од друга страна гледано во однос на вкупниот број продадени возила глобално, јапонските купувачи во август учествувале со 14,9 отсто а за сите осум месеци 18,4 отсто.


