Volkswagen ID.7, светска премиера (видео)

Електричниот наследник на Passat може да помине 700 km со едно полнење

Дојде и тој момент – Volkswagen го претстави ID.7 кој во гамата ќе се позиционира како електричен наследник на Passat. Најавуван како нареден чекор во електрификацијата на марката, овој најголем новитет на салонот на автомобилите во Шангај каде премиерно беше покажан го освојува вниманието на светот со своите течни елегантни линии кои само благо наликуваат на останатите членови на ID семејството. Тенките светла се поврзани со ЛЕД лента а извајаниот браник го насочува воздухот кон вертикалните отвори. Ова му помага на автомобилот да има коефициент на отпор од само 0,23.

Највпечатливи детали на препознатливата силуета се сјајните црни столбови и лентите налик на алуминиумски кои се протегаат над страничните стакла и одлично се вклопуваат со сјајно црниот покрив. А тој по желба може да биде панорамски и со притисок на копче да се затемнува. Брзиот заден дел изгледа благороднички надмено а светлосната лента на него свети црвено само кога сопирачките се активирани, додека остатокот од времето е бела.

ID.7 е долг скоро пет метри и поставен на веќе добро познатата MEB платформа на Volkswagen за електрични возила. Тоа значи дека основната верзија ќе има еден електромотор и погон на задните тркала. Volkswagen не кажа многу за погонските групи, но веќе знаеме дека за него е наменет нов електромотор кој брои 286 коњски сили и 545 њутн-метри вртежен момент. Секако, посилните верзии ќе имаат по два електромотора кои ќе ги задвижуваат сите тркала.

Меѓуоскиното растојание растегнато на три метри ветува многу простор во кабината која е минималистички модерна но луксузна. Наместо дигитална инструмент табла ID.7 има мал дисплеј со основните информации, придружуван од централниот екран чувствителен на допир со големи 15 инчи. Отворите за вентилација се дигитално контролирани, а со основните функции на возилото може да се командува со глас. На располагање ќе бидат два пакета батерии, од 77 и 86 киловат-часа, чија автономијата се искачува до 700 километри.

Верзијата за Европа која ќе се произведува во фабриката на Volkswagen во Емден ќе биде понудена во втората половина на годината заедно со моделот наменет за Кина, додека Северна Америка ќе чека на него до идната 2024-та. ID.7 е еден од десетте нови електрични модели кои Volkswagen ќе ги лансирани до 2026 година

 

Сподели

Последни новости

Актуелни цени на горивата

  • еуросупер 95 - 80.50 ден
  • еуросупер 98 - 83.00 ден
  • еуродизел Д5 - 69.00 ден
  • течен нафтен гас - 48.00 ден
  • метан - 69.00 ден

Сакате да добивате известувања?

Зачлени се на нашиот NEWSLETTER