Ризница на високата технологија
Новата серија 5 на BMW доби ново лице и електрична помош
Објавено на 28 мај 2020 година
Од Минхен велат дека е нов, но тој всушност е само обновен. Меѓутоа сите добро знаеме дека токму ваквите средовечни освежувања донесуваат најголеми вредности кај автомобилите. Затоа со цело право можеме да кажеме дека серијата 5 што BMW ни ја претстави пред некој ден е вистинска ризница на високата технологија, сеедно дали е нова или само обновена. Затоа и ќе започнеме со изгледот, кој е најмалку изменет. Тоа и не е изненадување бидејќи оваа седма генерација на серијата 5 на BMW која е на пазарот од крајот на 2016 година сé уште визуелно е доволно свежа и атрактивна. Тоа беше доволно нејзиниот надворешен дизајн со својата спортска традиционалност и чисти површини дополнително да се избруси само со детали како што се новите светла со ЛЕД технологија кои со својот потенок облик на контурата придонесуваат за помодерен изглед. Сега кај неа дневните светла во облик на буквата U поставени едно покрај друго создаваат прецизна и модерна слика која се рефлектира и со новата тридимензионална графика на светлата назад, дополнета со благо изменетите браници и издувните гранки со трапезоиден пресек. Маската овојпат не е премногу зголемена но сепак додава дополнителна широчина и височина спуштајќи се нанадоле, а верзиите со M Sport пакет се нагласени и со поголеми отвори за воздух, заден спојлер и дифузор, како и со поголемите тркала.

Во внатрешноста е потешко да се откријат измените, но сите ќе ги пречекаат новиот спортски управувач и централниот дисплеј со навигација, поддршка за Android Auto и уште многу од тоа. Незабележителни на прв поглед но битни се и новата конструкција на седиштата и камерите кои го следат целото подрачје околу автомобилот. Интелигентните персонални асистенти сега ги има повеќе, со што неприметно и овој BMW се доближува кон автономните функции на возење. Но кога ќе се префрлиме под лимот новата серија 5 ни презентира вистинска технолошка револуција. Сите модели се опремени со благ хибриден 48-волтен систем кој дополнително им доставува по 11 коњски сили. Погонот на сите тркала умно е распореден низ целата гама, без разлика дали се работи за лимузинските или караванските изведби. Палетата мотори номинално останува иста, така што бензинците развиваат од 184 до 530 коњски сили, а дизелашите од 190 до 400. Од нив како главен хит барем за побогатите пазари може да се наметне плаг-ин хибридниот 545e во кој се искомбинирани 6-цилиндричен турбобензинец и електромотор кои вкупно располагаат со 400 коњски сили. Електричниот домет од шеесетина километри дополнително е засилен со BMW eDrive Zone дигиталната услуга која овозможува секое возило со неа автоматски да премине во електричен режим на работа кога ќе влезе во локално дефинирана зелена зона на сообраќај.
Но без разлика кави се, сите мотори се спојуваат со стандардниот осумстепен автоматски пренос. Интелигентниот xDrive погон на сите тркала се нуди како стандардна или дополнителна опција за сите верзии, со исклучок на основната бензинска. Дополнително секој возач може да избере какво подвозје сака, кое во својата најсофистицирана изведба вклучува активна стабилизација на возилото, управување на сите четири тркала и визуелно облагородување со систем за сопирање со црвени клешти. Системите за помош на возачот кои нудат дополнителни функции овој пат свесно ќе ги прескокнеме.



