Red Dot награди за Peugeot 208 и 2008
Исклучителниот дизајн на најновите модели на Peugeot им ги донесе респектабилните Red Dot награди
Објавено на 2 април 2020 година
Компактниот 208 и кросоверскиот 2008 на Peugeot се закитија со престижните Red Dot награди за дизајн. Двата модела на францускиот производител со своите вертикални предни LED светла во форма на лавовски заби, задните стоп LED светла во форма на лавовски канџи, многуте фини детали кај надворешниот и внатрешниот дизајн, револуционерниот i-Cockpit и високото ниво на препознатливост едноставно го фасцинираа жирито кое им ги додели годинешните награди за дизајн. Лавовскиот бренд победи во конкуренција меѓу 6.500 производи со што го освои шестото признание за дизајн на брендот. Во своето соопштение францускиот производител истакнува дека стилските детали кои ги красат двата нивни најнови модели едноставно ги импресионираа членовите на меѓународното жири кое на овој начин им оддаде признание на дизајнерите за нивната посветеност кон работата. Иако во овие тешки моменти целиот автомобилски пазар функционира во вонредни услови, и купувачите се согласуваат со нив. Тие со своите нарачки веќе го изразија своето позитивно мислење за дизајнот на 208 и 2008, кои и со своите други карактеристики се издвојуваат од конкуренцијата. Пред сé со напредните технологии изразени преку дигиталната 3-D инструмент табла, а кај 208 и со електричната погонска група која на овој модел му дава предности што другите допрва треба да ги достигнат.



