BMW M2 CS – по ѕверска од М2

Видео насловна Новитети

Само за искусни и страствени

Посилна за 40 коњи од М2 Competition, според перформансите може да се мери со поголемите браќа од баварското спортско семејство.

Објавено на 07 август 2020 година

Последната верзија на компактната серија 2 доаѓа како цреша на шлагот. М2 СЅ не само што е најсилната изведба на оваа серија таа отскокнува со неколку дизајнерски зафати од останатите набилдани верзии со кои без срам ги нагласува своите со ”стероиди” напумпани манири. Засилениот дизајн започнува со темелно редефинираниот преден браник направен да произведе повеќе аеродинамика на предницата и да овозможи доволна флуктуација на воздух околу моторот. Повеќето елементи на екстериерот кои се разликуваат од оние на М2 се направени од јагленородни влакна и засилена пластика употребени на новата маска на ладилникот, целиот покрив, предниот спојлер.

Иако има перформанси кои му нудат високо котирање на тркачките патеки BMW M2 CS е прикладен за секојдневна употреба. Лесно може да се препознае по специфичната сина боја која во каталогот за нарачки се води како Мисано сина металик. Неговиот засилен мотор, според информациите споделени од M GmbH, е економичен и добро котира според ниското ниво на емисија на СО2. Во просек, во секојдневна употреба, троши помеѓу 9,2 и 10,6 литри бензин што за монструмот што се наоѓа под хаубата е капка во море. Стандардниот V6 е засилен со две турбини и со променет алгоритам на електронскиот надзор испорачува 450 коњи! Преносот на силата се одвива преку шест степен мануелен менувач и по избор MDCT седум степена автоматика со двојна спојка. Кога уште беше во фаза на реализација инженерите сакаа од BMW M2 CS да направат пример за прецизност, агилност, моќни забрзувања и да се постигне нова емоција при управувањето. Покрај механичките трикови познати само на развојните специјалисти употребена е електрониката која веќе е добро позната кај претходно претставените еквиваленти М3 СЅ и М4 СЅ. Адаптибилното М потпирање му дозволува на возачот да избере подесувања на амортизацијата во комфорен, спортски и спортски+ модус. Комфорниот модус е погоден за секојдневно возење, особено во урбан циклус на возење, спортскиот е наменет за моќно но се уште културно однесување на отворен пат каде, доколку сте принудени, ќе можете лесно да покажете кој е господар на патот!

Спорт + е најтешкиот модус на возење при што се минимизираат вибрациите на каросеријата и се максимизираат динамичноста и бруталноста која ја пружа моторот. Секакоо дека овој модус се препорачува да се употребува само на патека. Каросеријата е поставена на 19 инчни тркала зад кои јасно се забележуваат големите дискови на сопирачките задолжени за кротење на каросеријата. Предните имаат дијаметар од 400 мм а задните од 380 мм додека силата на сопирањето се контролира преку шест клипови на предните односно четири на задните тркала. Тоа е неопходно бидејќи катапултските забрзувања мора безбедно да се смируваат. Спринтот до стотка се совладува за 4 секунди, односно 0,2 секунди подолго со мануелен менувач додека максималната брзина електронски е ограничена на 280 км/ч. Малишанот со џиновски перформанси може да се нарача веќе од 95.000 евра во Германија.

 

Видео