Што подготвува Lamborghini за 2020 година?

Top News Занимливости Новитети

Што подготвува Lamborghini за 2020 година?

Објавено на 20 јануари 2020 година

Многу добри и една лоша вест пристигнаа од Lamborghini. Добрите се дека марката годинава ќе претстави повеќе новитети, од кои првиот веќе е познат. Станува збор за Huracan Evo во верзија со погон само на задните тркала, што е вистинска формула за постигнување максимум задоволство во возењето. Ќе биде опремен со 5,2 литарски атмосферски V10 мотор со 610 коњски сили, со кој ќе забрзува до сто на час за 3,3 секунди и ќе постигнува максимални 326 километри на час. Во прилог на перформансите оди и тежината од само 1.390 килограми, како и новиот Traction Control систем развиен и калибриран специјално за него. Цената ќе му изнесува 160 илјади евра без давачки и ќе биде значително помала од другите новитети на марката. А тие скоро без исклучок сите се хибридни. Кои се тие засега не се открива, но е јасно дека меѓу нив ќе бидат тркачкиот Urus ST-X и неговата патна плаг-ин изведба. Токму тој треба да ги најави плановите за електрификација на гамата со која ќе бидат опфатени сите модели вклучувајќи ги и најатрактивните. Со други зборови, треба да ги очекуваме хибридните Huracan и Aventador, како и специјалните нивни изведби како што е Sián. Покажан во Франкфурт минатата есен, тој со своите 819 коњи важи за најмоќен Lamborghini направен било кога. Производството му е ограничено на само 63 возила, по цена од 3,3 милиони евра секој.

Лошата вест од Сант’Агата Болоњезе е дека пошироката публика ќе остане ускратена да ги види сите овие новитети бидејќи Lamborghini го откажа своето учество на салонот во Женева, додека за Париз ништо не се знае. Ваквиот потег малку зачудува бидејќи марката лани забележа рекордна продажба поголема за дури 43 отсто во однос на 2018-тата година. Вкупната бројка возила што ги испорача се искачи на 8.205, во кои голем придонес имаше Urus со пласирани скоро пет илјади примероци. Најмногу во Соединетите Американски Држави, благодарејќи на силната продажна мрежа составена од 165 дилерства. Во моментов возилата на Lamborghini се продаваат во 51 земја, а матичната Италија според волуменот е ниското осмо место со едвај 370 продадени примероци.

клучни зборови: ,