Тест – Škoda Octavia 2.0 TDI DSG

Македонија насловна Тест

Девојка за сè!

Помислете на Octavia и најверојатно првите зборови на кои ќе се сетите ќе бидат  практична и просторна.

објавено 01 октомври 2020

Хечбекот од Млада Болеслав со текот на годините ја изгради својата репутација на патиштата како флотно возило во компаниите, во градовите е препознатлива како ”работен коњ” во такси здруженијата и ценет семеен автомобил. Време е за новата ера во која Octavia станува модерна и ”поврзана” како никогаш досега. Кога станува збор за продукциски модели кои мораат да балансираат помеѓу стилот и функцијата малку модели успеале до таа мерка како што успеала Octavia. Четвртата генерација делува многу пософистицирано од претходната особено на предниот дел. LED фаровите даваат силен потпис и со својата дневна функција правејќи ја појавата силна и јасно дефинирана.  Решетката на Octavia е малку поширока од порано и е опкружена со хромиран финиш. На долниот дел на браникот има саќеста целина на која доминира хромирана лајсна која ги поврзува LED-светлата за магла. Тоа е сличен стил на неодамна ажурираниот Superb. Погледнете го страничниот профил на Octavia и ќе забележите дека се оддалечува далеку од дизајнот на салон со три сектори. Како и секогаш, таа е всушност хечбек. По еволутивната природа на надворешниот стил на Škoda, внатрешноста е таа што се има сменето револуционерно. Концептот на ентериерот може да се нарече како кохезивна мешавина на естетика и ергономија. Тоа е најдобриот ентериер што Skoda го вгради во своите автомобили до сега, иако имам чувство дека претстојниот електричен Enyaq може да ја украде таа титула. Една од најкарактеристичните остварувања во ентериерот на Octavia е новиот мултифункционален волан со два крака. Неговата големина е точно, како и дебелината на работ. Површините околу воздушното перниче ја дополнуваат естетиката, а новите контроли на копчињата се лесни за употреба иако се помали од порано. Два плетени хромирани цилиндрични контролери работат со јачината на звукот (лево) и функциите за скролување на менито (десно) и исто така може да се притиснат за да извршат други задачи. Новиот изглед на дигиталната инструмент табла од 10,25 инчи резултира со појасни распореди, а полесно е да се прилагоди при движење со употреба на контролите на воланот. Bо изборот има четири различни инфо-забавни опции, а во тест возилото беше вградена разумната. 10-инчниот дисплеј на средишната конзола е нов и вклучува слајд-лента чувствителна на допир долж неговата основа за прилагодување на јачината на звукот. Системот за мени со нов изглед е лесен за употреба и е поставен јасно. Škoda го намали вкупниот износ на физички контроли, а климатските функции сега се вршат претежно преку екранот за прикажување. Ваквото решение може да биде како негативност при возењето бидејќи го одвлекува погледот на возачот од патот. Изгледот на централната конзола го засилува металната лента лоцирана испод екранот на допир. Таа е корисна и може да послужи како место за одмор на вашата рака додека го користите дисплејот, а исто така го врамува и централниот дел од контролната табла што Škoda сега го нуди во избор на многу поубави материјали. Околу основата на централниот гребен се создава повеќе простор благодарение на новиот автоматски менувач чиј прекинувач е како кај оние во Porsche. Традиционалниот лост е заменет со прекинувач што му овозможува на возачот лесно да се префрла помеѓу функциите на возење. Просторот во задниот дел е комотен, во типична изведба на Škoda, и направено е мало репозиционирање на задните седишта. Во новата Octavia секој може да најде нешто што му одговара. Во неа има широка палета мотори што некогаш ја понудил производителот. Со оглед на тоа што Octavia е популарен избор за возачи на службени автомобили и таксисти, дизелот сè уште сочинува значителен дел од вкупната продажба. Токму ја возев изведбата која изгледа дека е најпопуларна за купувачите, особено во Македонија. Дволитрениот TDI со 150 коњи на изглед е веќе познат, но вистината е дека тој беше подвргнат на детална ревизија во име на економичноста и чистотата на издувните гасови потпомогната од  AdBlue технологијата. Веднаш е забележливо дека сега моторот е потивок но не е пригушен како што е случај кај поголемиот Superb.Во кофигурацијата со 150 коњи се обезбедува најдоброто од двата света на економијата и перформансите. Со 360Nm вртежен момент, Octavia добро повлекува и не е слаба кога станува збор за  забрзување. Менувачот DSG работи брзо, ги реди преносите за кратко време во име на економичноста и, со доволно количество вртежен момент од моторот обезбедува линеарни забрзувања и перформанси. Сепак, не е се совршено. Кога забавувате со помала пренос, автоматскиот менувач со двојна спојка може да направи забележливи грчеви кога враќа во долните преноси. Комфорот при возењето е добар дури и со стандардното потпирање. Торзионата оска добро ја извршува работата но недостига рафинираноста на мултилинкот особено на површини со лош асфалт кои се толку типични за нашиот регион. Електричната асистенција на управувањето дава по природен одговор на командите отколку кај претходната генерација па целиот склоп е возачки и патнички настроен. Во текот на изминатите 630 километри јас добив сосема позитивен впечаток. Цените се повисоки од очекуваното, но рака на срце и опремноста е многу збогатена како и чувството во кабината па сепак е направена рамнотежа на равенката платено-добиено. 31.250 евра е цената на тестираниот модел. Да бидам крајно искрен за таа цена очекував да имам 20 коњи повеќе и хедап дисплеј. Иако тоа го нема мора да признаам дека со четвртата генерација на Octavia компанијата направи одлична работа. Направените промени и подобрувања што ги направи Škoda најмногу се во дизајнот и кабината. Има добра појава и пружа скоро се што би можеле да посакате од автомобил доколку сте флотен или приватен корисник. По се изгледа дека Octavia станува нож на швајцарската армија помеѓу автомобилите.