Специјален Bugatti по специјален повод
Нов модел на Bugatti инспириран од легендарниот EB110 SS веќе следниот месец
Објавено на 29 јули 2019 година
Загатката ја начна шефот на одделението за комуникации Тим Браво кој потврди дека за претстојната „Недела на автомобилите“ во Монтереј Bugatti премиерно ќе прикаже специјален модел, без да даде дополнителни информации за него. Но тоа беше сосема доволно јавноста да започне да копа по своите извори, од каде пристигнуваат разни вести што би можело да биде тоа. Една сепак доминира – дека новиот Bugatti кој ќе пристигне по повод 110-годишнината на марката ќе биде инспириран од легендарниот EB 110 SS кој на пазарот се појави на почетокот на деведесеттите години. Наводно се планира францускиот производител да направи 10 примероци од него, секој со цена од 8 милиона евра најмалку. Скоро сигурно е дека механиката во целост ќе ја презеде од Chiron, што значи дека и овој модел ќе го има W16 агрегатот од осум литри со 1.500 KS, така што модификациите главно ќе бидат ограничени на дизајнот, ентериерот и по некое мало унапредување на подвозјето – поголеми промени не ни може да се очекуваат бидејќи Chiron е доведен до совршенство.