Со какви мотори ќе доаѓа новиот Volkswagen Golf?

Со какви мотори ќе доаѓа новиот Volkswagen Golf?

Ако добро избројавме, новиот Golf ќе биде на располагање во најмалку 16 различни моторни опции

Објавено на 31 октомври 2019 година

Појавувањето на новата генерација на легендата Golf беше проследено со многу одговори од Volkswagen на кои немаше прашања и многу прашања од купувачите на кои немаше одговор, барем не целосен. Едно од нив е и моторизацијата, за која се знае доста но не доволно. Затоа и посебно ќе се осврнеме на неа како отсекогаш важен аргумент кога е во прашање Golf. Она што засега е познато е дека Golf 8 ќе доаѓа со пет различни типа погонски групи меѓу кои ќе нема електрични. Најголемо внимание предизвикуваат благите хибриди, кои ги има три – со 110, 130 и 150 коњски сили. Првиот е базиран на 1,0 а вторите два на 1,5 литарски мотор и ќе имаат 48-волтна хибридна инсталација. Ќе бидат спарени со 7-степен DSG менувач и се очекува просечно да трошат до 10 отсто помалку гориво. Останатите два хибрида се плаг-ин чиј бензинец е 1,4 литарскиот TSi мотор. Ќе бидат означени како eHybrid и ќе имаат батерија од 13 kWh со која ќе поминат приближно 60 километри во чист еколошки режим. Ќе располагаат со 6-степен DSG и 204, односно 245 KS за спортската GTE верзија. Еколошка е и TGi изведбата на Golf со 1,5 литарски мотор подготвен за погон на природен гас (CNG) со 130 KS.

Од класичните, тука се трицилиндричниот еднолитарски бензински турбомотор со 90 и 110 KS, а се очекуваат и 1,5 литарските четирицилиндрични мотори со 130 и 150 KS кои ќе имаат систем за деактивирање на цилиндрите кога сета сила нема да биде потребна. Најмалку се знае за дволитарските TSi мотори наменети за Golf GTi, Golf GTi TCR и Golf R, чија силина ќе се искачува до 300 коњи. Секако, на располагање ќе биде и дизелот од два литра со 115 и 150 коњски сили. За овие TDi мотори Volkswagen вели дека заради двојното дозирање на AdBlue адитив и двата SCR катализатори ќе имаат помали емисии на азотни оксиди за 80 отсто и намалена потрошувачка за 17 отсто. Во план е и GTD верзија на Golf, за која пак не се знае ништо. Значи, ако добро избројавме, новиот Golf ќе биде на располагање во најмалку 16 различни моторни опции.

 

Сподели

Последни новости

Актуелни цени на горивата

  • еуросупер 95 - 80.50 ден
  • еуросупер 98 - 83.00 ден
  • еуродизел Д5 - 69.00 ден
  • течен нафтен гас - 48.00 ден
  • метан - 69.00 ден

Сакате да добивате известувања?

Зачлени се на нашиот NEWSLETTER