Светски автомобил на годината » Kia и Porsche со по две титули

Top News Занимливости

Kia и Porsche со по две титули

Освојувачите на изборот за светски автомобил на годината традиционално се доделуваат на салонот на автомобилите во Њујорк, кој е одложен за крајот на август

Објавено на 9 април 2020 година

Меѓу 70-тината други кои досега ги доби, Kia Telluride освои уште една значајна награда – стана светски автомобил за 2020 година. Во конкуренција уште со Mazda3 и CX30, жирито одлучи титулата да му ја додели на големиот корејски кросовер заради неговата вешта комбинација на стил, удобност и изразитост. Тој исто така доби високи оценки за безбедноста и достапноста, која посебно доаѓа до значење со неговата цена од 33 илјади долари. За тие пари се добива точно пет метри долг и два метри широк кросовер со 3,8 литарски V6 мотор со 291 коњска сила, осумстепен автоматски менувач и погон на сите тркала. Корејскиот производител има уште една причина да биде задоволен бидејќи наградата за урбан светски автомобил на годината ја освои моделот Soul во својата електрична верзија. Значењето на овие награди за Kia е уште поголемо ако се знае дека се први што ги добива во 15-годишната историја на изборот.

Жирито составено од 86 новинари од 24 држави доделува признанија уште во три други категории. Наградата за дизајн ја освои Mazda3, а преостанатите две – за луксузен и перформансен автомобил отидоа кај Porsche за моделот Taycan. За малку ќе се случеше сите три признанија да ги собере германскиот електричен седан, кој во гласањето за дизајн освои само два бода помалку од победникот. Интересен факт е дека годинава меѓу сите триесет потенцијални кандидати за наградите кои влегоа во поширокиот избор немаше ниту еден американски автомобил. Како за утеха Kia Telluride е дизајнирана во Калифорнија а се произведува во местото Вест Поинт во сојузната американска држава Џорџија, кое има само 4 илјади жители.

клучни зборови: , , , , ,