Стилски препакуван Chevrolet
Со педигрето на Acura зад секој детаљ од дизајнот, електричниот ZDX е плод на соработката на Honda со General Motors
Најавената соработка меѓу Honda и General Motors на полето на електричните возила започнува да се отелотворува – два месеца после Prologue, Јапонците сега го претставија и Acura ZDX. Купе кросоверот кој во својата претходна генерација од 2009 до 2013 помина катастрофално (беа продадени едвај 7.191 возило) се враќа на пазарот како препакуван Chevrolet Blazer EV. Иако никаде не се споменува во официјалното соопштение, ја користи Ultium платформата на GM која му обезбедува автономија од 520 километри во верзијата со еден електромотор со 340, односно 460 ако е опремен со два електромотора со вкупно 500 коњи.
За разлика од механиката, дизајнот му е автентичен на премиум марката на Honda. Исто е и со опременоста, а ентериерот помалку-повеќе е очекуван. Она што не се знае е какво ќе биде нивото на квалитет, кој купувачите различно го перципираат за возилата на Chevrolet и Acura. Ќе се произведува во фабриката на General Motors во Коахуила, Мексико, заедно со Honda Prologue, Chevrolet Blazer EV и Equinox EV, а најавената цена е 60.000 долари. Првите испораки ќе бидат на почетокот на идната година.