FIAT ја проширува флотата на електрични возила применувајќи го препознатливиот дизајн врз платформата на Stellantis
Најавуван онака како само италијанците знаат пристигна најновиот модел од Торино. Беше и крајно време бидејќи FIAT долго време нема извадено новитет. 600е доаѓа во вистински момент и со себе го носи свежиот ветер на електрификацијата.
Шармантниот модел ја дели основата со останатите електрични автомобили од групацијата Stellantis. Тој е опремен со батерија од 54 kWh. Ова е доволно за да овозможи автономија од 400 km според циклусот WLTP. Покрај тоа, има систем за полнење од 100 kW, кој помага брзо да ја наполни неговата батерија. 600e може да се надополни до 80 проценти за помалку од 30 минути на станица за брзо полнење.
Новиот модел доаѓа и со вграден полнач од 11 kW за побавни приклучоци, кој може целосно да ја наполни батеријата за помалку од шест часа. FIAT најави дека подоцна ќе биде достапна верзија со приклучен хибрид. Сега 600e се нуди со само еден погон, кој испорачува 156 КС. Тоа е доволно за кросоверот да достигне брзина од 100 км/ч за опуштени девет секунди.
Иако тоа е помалку од импресивна бројка за забрзување, всушност забрзувањето не е од примарна важност. Овој електричен автомобил повеќе е фокусиран на стилот Dolce Vita што ќе го добијат купувачите. На самото лансирање понудени се два нивоа на опременост, RED и врвната La Prima конфигурација. Како што името кажува првата доаѓа со уникатна нијанса на црвена боја, инспирирана од организацијата чија мисија е борба против СИДА.
Се нуди и во други бои, но неговата внатрешна облога е секогаш црвена и доаѓа со ексклузивен тапацир за седишта од рециклирана ткаенина. Изведбата La Prima нуди поголема слобода на дизајнот за естетите. Достапна е со само четири бои на екстериерот, а сите тие се инспирирани од земјата на потекло на кросоверот. Внатре е понудена многу поголема разновидност на колорити.
FIAT го промовира 600е како прво компактно возило што се нуди со „хромотерапија“. Тоа значи дека сопствениците преку LED технологијата во внатрешноста можат да изберат меѓу осум бои на осветлување, кои можат да се мешаат и да се усогласат во комбинации за да блеснат во различни делови од кабината.
Севкупно, можен е избор на 64 различни комбинации за да ја најдат онаа што најмногу им одговара. Дополнително, моделот ќе биде достапен со електрични седишта за прилагодување кои имаат функции за греење и масажа. За моделот La Prima, тие се обложени со синтетичка кожа во боја на слонова коска со тиркизни акценти. За потполн комфор 600e доаѓа со USB-C порти и безжично полнење за мобилни уреди.
Со помош на апликација возачите ќе можат далечински да ги контролираат функциите како што се климатизацијата, светлата и бравите. Одвнатре, возилото се контролира преку 10,25-инчниот инфозабавен екран кој е компатибилен и со Apple CarPlay и Android Auto.
Навигацијата ја управува GPS систем напојуван од Том Том кој може да им обезбеди на возачите информации за работи како паркирање и полнење. Зад воланот екран од седум инчи ја превзема улогата на инструмент табла и многу повеќе. Покрај удобноста во 4,17 метри долгата каросерија императив е безбедноста.
600e достапен е со системи за активна асистенција на возачот како што се мониторирање на мртвата точка, задржување во лентата на движење и автоматско сопирање во итни случаи. Доаѓа и со детекција на поспаност на возачот и адаптивна контрола на патувањето, благодарение на пакетот сензори од 360 степени.
Цените за FIAT 600e RED започнуваат од 35.950 евра додека 600e La Prima започнува од 40.950 евра во Италија без пресметана субвенција. Подобро запознајте го FIAT 600e преку видеото кое нема да ве остави рамнодушни…


