Премиера – BMW X2 & iX2

Новата генерација е поголема во сите смерови и има електрична варијанта

Кога беше претставен првенецот најавен е како спортско активно возило. Еволуцијата на втората генерација на Х2 донесе новост. Сега тоа е спортско активно купе и го негува стилот што го има далеку поголемиот Х6. Овој жанр е прифатен кај купувачите кои сакаат нивните теренци да делуваат спортски и динамично. Новиот Х2 ги истакнува дизајнерските елементи што предизвикуваат шок и стравопочит. Предниот дел карактерно е близок со X5 во бубрежните решетки и фаровите, додека позади има динамичен сет на светла. Задниот дел завршува на начин како кај X6 со изразeн спојлер кој треба да генерира дополнителна надолна сила. И, се разбира, тоа не би било модерно BMW без опцијата за осветлување на рамката на бубрезите и логото на марката. Доводите за воздух на предниот браник се вертикално поставени, додека на задниот браник е задржана монолитноста. За оваа комбинација се одлучиле дизајнерите поради аеродинамични придобивки. Странично има висока линија со изразени лакови и тркалата што ги исполнуваат имаат поголем дијаметар. Оние кои сакаат да остават посилен впечаток може да се одлучат за опционалните 21 инчни тркала од лесна легура, опција за прв пат достапна на компактен BMW.  X2 е достапен во широк спектар на бои. Единаесет опции за надворешна завршница ќе бидат понудени од лансирањето, вклучувајќи ја новата Вегас црвена металик. Внатрешноста на X2 позајмува многу од X1, што е добра работа. Доминира дисплејот наклонет кон возачот и пловечка конзола која содржи избор на контроли за инфозабавниот систем. Тој работи со оперативниот систем 9 на BMW, кој има структура на мени како телефон и кратенки дизајнирани да ја олеснат интеракцијата со него. Седиштата се уникатни за X2, со особено внимание посветено на удобноста на долги растојанија. Стандардно има подобрена странична поддршка, додека опционалните спортски седишта имаат поголема приспособливост. Новиот Х2 е поставен на платформа на Х1 па затоа не треба да е чудно што го делат меѓуоскиното растојание од 2.692 милиметри, но каросеријата на Х2 е за 6,6 сантиметри подолга од онаа на донаторот. На самиот почеток на продажбата ќе има избор на четири мотори на согорување и една изведба на електричен погон. Најмалиот бензинец е трицилиндраш од 1,5 литри од чија зафатнина со помош на турбо и 48 волтен благ хибрид со извлекуваат 170 коњи. Следен во понудата е дволитрениот  четири цилнидерски бензинец кој испорачува 245 коњи, а врв на понудата M35i XDrive е шест цилиндерскиот мотор со 316 КС. Не се запоставени ниту љубителите на дизелот. Единствен избор им е верзијата  sDrive18d со 150 коњи и декларирана потрошувачка од 5,1 литар нафта. Ознаката iX2 xDrive30 е резервирана за електричната верзија која ја погонуваат два електро мотори, секој сместен на по една оска. Нивната системска сила е 313 коњи, спринта од мирување до стотка за 5,6 секунди  а максималната брзина е ограничена на 180 км/ч. Овие перформанси ги подржува батерија со 64,8 kWh, капацитет кој гарантира автономија до 449 километри според WLTP.BMW тврди дека новиот X2 е подобрен во однос на неговиот претходник во одделот за агилност, комбинирајќи подобра динамика на возење со поголема удобност на долги растојанија. Почетокот на продажбата е закажан за март идната година и сосема реално е да пристигне тогаш и во Македонија.

Сподели

Последни новости

Актуелни цени на горивата

  • еуросупер 95 - 80.50 ден
  • еуросупер 98 - 83.00 ден
  • еуродизел Д5 - 69.00 ден
  • течен нафтен гас - 48.00 ден
  • метан - 69.00 ден

Сакате да добивате известувања?

Зачлени се на нашиот NEWSLETTER