Германија и ние
Кај нас нови, во Хрватска поскапи, во Србија ем нови ем поскапи, а во Германија…
Објавено на 18 јуни 2019 година
Овој јуни слободно можеме да го прогласиме за месец на патарините за користење автопатишта – најновата вест е дека европскиот суд на правдата ги доведе во прашање патарините во Германија. Постапувајќи по претставките на Австрија и Холандија, неговото мислење е дека системот со кој се планира да бидат воведени патарини на автопатишта во Германија е дискриминаторски према странците. Проблемот се гледа во тоа што домашните возачи сумата што ќе ја платат ќе им биде вратена преку намалување на годишниот данок за користење на автомобилите, што всушност значи дека само странците ќе плаќаат за возење по германските автопатишта. Сепак, за тоа колку и како идејата на германските законодавци ќе се протне низ правните лавиринти ќе дознаеме во наредниот период – засега подготовките за воведувањето патарини планирано за октомври идната година се одвиваат непречено.
За разлика, кај нас сé се одвива по некој друг (побрз) колосек, па така Хрватска ги зголеми патарините во летната сезона, Србија ем ги зголеми ем воведе нови (на делницата низ Грделичката Клисура), а кај и да е, и кај нас ќе стартува со работа новата наплатна станица кај Гевгелија. Па така, нам ни останува само да ви посакаме среќен пат, каде и да е!