Нова генерација камиони » MAN го подготви својот олимписки тим

Top News Ексклузивно Новитети

MAN го подготви својот олимписки тим

Со спектакуларна презентација достојна за отворање олимписки игри, MAN во Билбао, Шпанија, ја претстави новата генерација камиони

Објавено на 23 февруари 2020 година
автор: Зоран Коцев

Тимот на германскиот MAN е подготвен за наредната камионска олимпијада, посебно за маратонската битка за купувачите со сé посилната конкуренцијата. Како и за секој олимписки тим подготовките траеја долго време – цели пет години, по што MAN целосно ја обнови целата палета – од дистрибутивните и среднотешки TGL и TGM преку градежничкиот TGS до долголинискиот TGX. Токму тој како знаменосец на гамата на производителот од Минхен ги предводеше активностите во целиот проект во кој беа вклучени 2.100 луѓе поделени во бројни тимови според својата специјализација. Откако некој од нив ќе ја завршеше работата иновациите беа имплементирани во постоечката гама, заради што сега изгледа дека нема многу што вистински ново кај претставените камиони. Последни завршија дизајнерите кои ги обновија познатите кабини и го унифицираа нивниот изглед. Маската сега е издолжена и визуелно интегрална, така што потсетува на муцката на лавот, заштитниот знак на MAN. Светлата се тенки, страничните мигавци уникатни а ретровизорите големи. Се забележуваат бројни детали кои влијаат на аеродинамиката, како и новиот покрив и вратите.

Условите во транспортниот сектор се менуваат, а со тоа и возилата – новата генерација MAN камиони е подготвена за идните предизвици

Внатрешноста е поинаку организирана со цел на возачот да му се обезбеди подобар простор за работа и престој. Целиот амбиент е модерен но сепак изведен во традиционален стил со едноставен и чист дизајн. Инструмент таблата е дигитална, а рачната сопирачка електронска. Зад мултифункционалниот управувач кој за полесно влегување и излегување се исправа вертикално, се наоѓа рачката на која се командите на менувачот. На неговото вообичаено место е додадено вртливо копче како кај автомобилите. Но за разлика од нив со него не се контролира сé, туку класичните копчиња се задржани на местата на кои вообичаено треба да бидат. Тоа заедно со централниот екран кој не е чувствителен на допир е направено така за да не се одвлекува вниманието на возачот. За намалување на опасноста во такви ситуации се грижи електрониката, која е присутна преку бројните системи за асистенција на возачот. Покрај автоматското запирање тука се и системите за задржување на возилото во лентата на возење и предупредување за возило во мртвите агли. Долгите светла се автоматски, а возењето низ град е побезбедно за пешаците и останатите возила заради електронската помош при свртување.

Новата генерација MAN камиони поставува нови стандарди за интуитивно организираното место за работа и престој на возачот преку оптималната ергономија, безбедносните системи и дигитализацијата

Електрониката се грижи и за намалување на непланираните дефекти, за што е задолжен посебен телематски систем преку кој возилото континуирано се следи во фабриката. Кога ќе дојде време за некаков вид сервисирање се известува сопственикот, кој навреме може да го планира користењето на возилото. Ни беше истакнато и дека 70 отсто од програмскиот код е направен во сопствена режија, што значително го скратува времето за софтверска надградба на системите која се врши он-лајн. Со нив во совршена интеракција работат Euro 6d моторите претставени лани, кои штедат и до 8 отсто гориво. На располагање се три шестцилиндрични агрегати со дури девет различни моќности меѓу 330 и 640 коњски сили. Ефикасноста ја подобруваат и оптимизираните оски и активниот темпомат кој со помош на системот за навигација ја следи топографијата на теренот. Треба да се спомене и дека во зависност од моделот и условите за експлоатација, интервалот за промена на маслото е продолжен и до 140.000 километри.

Идејата-водилка со која цели пет години беа развивани новите камиони на MAN беше да се поедностави работењето на клиентите со возила и услуги кои целосно ќе ја исполнат секоја транспортна задача

Во возењето со новиот TGX се забележува мекоста на ослонувањето кај моделите со класични лиснати пружини. Тоа малку пречи на оштетен асфалт или при преминување преку лежечки полицајци на градските сообраќајници, но затоа на долги релации го намалува заморот на возачот. Тргнувањето на прв поглед делува некако забавено, но целосно товарениот 40-тонски влекач скоро незабележително ја постигна својата брзина на крстосување. Нашиот инструктор ни кажа дека така е заради подолгите преносни односи во менувачот, кој може да биде од Scania или ZF.

Прототипите на овој камион поминаа околу четири милиони тест километри во секакви временски услови, па дури и на температури од -45 степени целзиусови. Севкупно за развојот на новата генерација камиони на MAN му требаа околу 12 милиони работни часа. Во целиот процес активно уште од самиот почеток учествуваа и корисниците. Во неколку наврати беа анкетирани околу 700 возачи и 300 сопственици на камиони од 16 земји ширум светот – од Норвешка преку Јужноафриканската Република па сé до Кореја. Нивните мислења, желби и потреби беа анализирани и во добар дел имплементирани во новите производи. Како благодарност, од MAN истакнаа дека им овозможиле да бираат меѓу три илјади нијанси на боја на кабините. Цената не ја споменаа, но кажаа дека досегашните модели паралелно ќе се произведуваат уште 18 месеци. Тоа значи дека во тој период може да се очекуваат уште некои подобрувања на новите камиони, како на пример додавањето дигитални ретровизори што беше една од почестите забелешки што ја слушнавме од присутните на презентацијата.

Со совршена интеракцијата на Еуро 6d моторите со погонските склопови и останатите компоненти на возилото е обезбедена заштеда на гориво до 8 отсто

клучни зборови: