Жан Тод, претседател на FIA » Новите времињата носат нови предизвици

AutoBest Top News Занимливости

Новите времињата носат нови предизвици

По повод неговото инаугурирање за најнов член на алејата на славните на AutoBest, разговаравме со Жан Тод, актуелниот претседател на FIA. Неговото доста интересно гледање на работите во сите сфери на модерната мобилност ни праќа јасна порака за размислување за иднината

Објавено на 21 февруари 2020 година
Господине Тод, како увод во нашиот разговор што ќе кажете за денешните состојби во сферата на автомобилизмот, генерално гледано.

Јасно е дека моторизацијата е релативно нова, стара е само нешто над еден век. А кога ќе се види напредокот кај овој вид на транспорт, тој едноставно фасцинира. Но, тоа сега доведе и до многу сообраќаен метеж во градовите, па се соочуваме со загадување и промена на климата и затоа треба да се забави малку. Заради тоа јасно е дека електриката е еден, но не и единствен начин на кој мораме да се обратиме. И затоа зборуваме за новите технологии како што се горивните ќелии кои се многу интересен нареден чекор. Можноста за електриката би ја нагласил со одржувањето на формула Е трките во градовите, бидејќи електриката е за таму. Засега проблем се ограничената автономија и долгото време на полнење на батериите, но тоа ќе се подобри. Јас секогаш велам дека мотоспортот за мене е лабораторија. Кога започнавме пред шест години со формула Е, за трка од 45 минути ни требаа два автомобила, а лани ни требаше само еден. Значи, ја удвоивме автономијата. А и понатаму ќе се подобруваме. Трендот го започна една американска компанија која сега е добро позната по своите електрични автомобили. Тие беа првите што почнаа, но сега многу производители работат на електричните возила. Значи се зголемува, но не треба да се заборави дека има и други одржливи технологии како на пример хибридите. Кога во 2014 година го инициравме хибридниот мотор во формула 1 многумина беа среќни. И ако не го направевме тоа, ние ќе ја згасневме, или пак ќе ја ставевме во ризик формула 1. Затоа верувам многу во хибридната технологија, верувам многу во зелените биогорива и работиме на тоа да ги вклучиме во мототрките, работиме со снабдувачите на горива. Не сме насочени само кон електричните автомобили. Ако ве прашам колкумина од вас користат електричен автомобил заради намалување на загадувањето, не верувам дека ќе добијам квалитетни одговори.

Сите политичари се загрижени за загадувањето и загушеноста на сообраќајот, има сé повеќе закони и ограничувања, па кој е вашиот совет до младите возачи и како тие да ја почувствуваат брзината повторно?

Ех, за мене времињата се сменија. Тоа што беше возможно пред 50 години веќе не е денес. Ќе ви дадам еден пример кој се однесува за скоро сите ваши земји. За 45 години од ’75 до денес бројот на жртвите во сообраќајот се намали за пет пати, а истовремено бројот на возила се зголеми за три пати. Тоа е прво заради подоброто образование. Второ заради подоброто спроведување на законите. Трето подобрите автомобили. Четврто подобра патна инфраструктура и петто подобра здравствена грижа после сообраќајната несреќа. Тоа се однесува на околу 90 отсто од 1,4 милиони луѓе кои гинат на патиштата секоја година. Ако сакате брзина, треба да одите на тркачка патека, а не на јавен пат. На пат морате да возите со почит. Ќе ви кажам лесен начин кој би требало да се примени, а кој не се почитува во многу земји – почитувајте ја брзината, врзете ги појасите напред и назад а ако сте на мотоцикл секогаш ставајте кацига, не пијте и возите, не се дрогирајте и возите и без СМС пораки додека возите. И ќе видите намалување на бројот на жртви. Треба да ги учиме младите, затоа што има многу работи кои им го одвлекуваат вниманието. Фасцинираноста од смартфоните затоа што имаме многу информации на нив, создава и еден друг проблем – изолацијата. Минатата година кога патував во Кина, мислам во Шангај, во еден бар видов 15 луѓе како седат сами и сите беа жртви-заложници на своите телефони. Мислам дека е многу поважно да има дијалог. Дури и во мојата канцеларија а и на другите места, луѓето веќе не разговараат туку комуницираат со и-мејл. Мислам дека тоа е сериозен проблем на кој што мораме да му се посветиме. Јас кога имав 17 години ги броев деновите додека ја земам мојата возачка дозвола, а верувам и вие. Но сега има многу млади од 24-25 години кои ја немаат, затоа што имаат други средства за транспорт – шеринг, Uber, имаат многу други можности да одат од едно место на друго поради кои и не мора да имаат возачка дозвола.

Како да му дадеме поголема популаризација на мотоспортот?

За мене најлесниот влез во мотоспортот е преку картингот. Јас бев во Оман, каде направивме мал трофи во картинг за Средниот Исток и Северна Африка и имаше многу млади возачи, над 100, кои дојдоа од 11 земји. Мораме да створиме интерес, ентузијазам, а мислам дека и повозрасните треба да влијаат и створат ваков интерес кај младите.

Дали можеме да ги видиме автономните автомобили во мотоспортот?

Ќе во кажам веднаш – тие овде не можат да функционираат. Специфичноста на мотоспортот е 50-50 во поглед на поврзаноста меѓу човекот и машината. Значи и двајцата работат заедно. Јасно е дека порано или подоцна автономните возила ќе навлезат некаде. За помалку развиените земји не можеме сега да зборуваме, но во развиените земји – да, автономните возила ќе навлезат. Ќе има автономни возила на аеродромите кои ќе ве носат од влезот на аеродромот до каде сакате, а во градовите ќе имаме автономен јавен превоз. Но за автономен автомобил, мислам дека ќе биде потребно време.

А што е со безбедноста во сообраќајот?

Во моментов мислам дека треба влијаеме на возачите, иако многу битен елемент се системите за стабилноста на возилото. Во Европа, Јапонија, Кореја, Канада, Северна Америка, Австралија – во сите развиените земји има многу сообраќајни несреќи и треба да се влијае возачите да возат поодговорно. Мислам дека и медиумите се многу важен фактор за да влијаат на совеста на возачите, да ги едуцираат возачите да возат поодговорно и со почит на патот.

Како да ги насочуваме луѓето, кон јавниот транспорт или…?

Јасно е дека јавниот транспорт ќе помогне да се намали густината на сообраќајот. Градовите се изградени да вдомат одреден број на возила, а тие сега се пренатрупани. Треба да се види како да се подобри ситуацијата. Повеќе од 50% од популацијата на земјата живее во градовите и одењето на работа е болно заради сообраќајниот метеж. Враќањето од работа, исто. Тоа нé чини време, замор, пари и загадување. Па затоа треба да се идентификува нов начин на транспорт. Имаше иницијатива со која се предвидуваше бројот на жртви да се преполови до 2020-тата, што очигледно не се случи. Сега имаме состанок во Стокхолм и ќе се разговара за одлуката јавниот транспорт да биде присутен секаде и кај сите до 2030 година. Тоа е предизвикот кој треба да го туркаме.

Од оваа перспектива, како во иднина ќе го насочите мотоспортот, каде брзината е клучна?

Зборуваме за две различни работи. Кога зборуваме за мотоспортот, сметам дека тој е на доста здрава основа. Имаме кај него многу добра пирамида – формула 4, 3, 2, 1, имаме и електрична формула која е нова категорија на мотоспортот, а сега имаме и нови правила во трките на издржливост. Имаме крос кантри, рели, туринг шампионати, картинг, а врската помеѓу мотоспортот и мобилноста е што мото трките не се само шоу, спектакл, туку се лабораторија.

Која е визијата за иднината за безбедноста на патиштата?

Се работи на тоа владите финансиски да помогнат за безбедноста на патиштата. На состанокот во Стокхолм ќе учествуваат и министри односно политичари, потоа луѓе од приватниот сектор, па производители на возила, добавувачи и други и на него ќе се протурка и разговара и за зголемување на безбедноста на патиштата.

Како гледате на светската безбедност во корелација со безбедноста патиштата?

Ситуацијата за безбедноста на патиштата луѓето сега ја чувствуваат како нормална, но таа не е тоа. Проблем на кој треба да внимаваме и да се плашиме од него се еболата, а сега и коронавирусот, кој веќе убива илјадници луѓе. Но секој ден 3.700 луѓе гинат на патиштата. Тоа е она што не е нормално. Треба да бидеме загрижени затоа што нема вакцини за ебола и коронавирусот, но има вакцина за сообраќајот на патиштата. Сега патот убива исто како нив. Ситуацијата во Скандинавските земји е добра, во Швајцарија исто така, во Германија, Франција, Италија е на средно ново, но во Србија, Романија, Украина и сличните земји, ситуацијата е лоша.

Која е вашето размислување за безбедноста кај автомобилите?

За мене тоа е голема грижа и имаме многу дискусии со производителите. Не сите и секаде имаат пристап до ист автомобил од истата марка. На пример, автомобилите во Европа се со многу вградени безбедносни системи. Но ако го купите истиот автомобил во Африка или Јужна Америка, тоа нема да биде истиот автомобил – ќе нема исти воздушни перници и ќе биде без електронски систем за контрола на стабилноста. Сметам дека тоа треба да биде задолжително за сите и тоа да биде одговорност на производителите, да не смеат да продаваат возила без миниум безбедносна опрема. Друга работа во некои европски земји, па и други, е што се има наметнато некакво ограничување колку години можете да го користете возилото – 7, 10,12 или колку и да е, а потоа тие возила одат во понеразвиените земји без некаква специфична контрола. И затоа другите земји треба да внимаваат и да донесат закони за возилата што ги увезуваат да имаат минимум безбедносни елементи.

Во 2022 ќе имаме технички регулации за мотоспортовите. Што ќе кажете за тоа?

Во мотоспортот FIA е носечки столб. Ние сме регулаторот и ја донесуваме легислативата на мотоспортот во светот. Имаме национални шампионати кои се под закрила на FIA, а низ цел свет има со нас поврзани автомобилски асоцијации кои се вториот столб на мобилноста. Ако се навратиме на мотоспортот, во него безбедноста има приоритет со декади. И имаме визија за нула загинати, иако сме далеку од тоа. Минатата година загинаа 28 луѓе во мотоспортовите, вклучувајќи ги и официјалните лица, гледачите, возачите, совозачите… Ние ја надгледуваме ситуацијата и ги поддржуваме државите и клубовите да направат безбедна спортска средина и праќаме експерти за настаните што треба да ги организираат. А исто така имаме правила на кружните патеки. Земете ја за пример формула 1, врвот на мотоспортот. Оваа година формула 1 слави 70 години. Пред 70 години возачите немаа безбедносни појаси, рол-бар, цврсти шасии и морталитетот беше голем – 10-20-30% од возачите ја почнуваа сезоната и не ја завршуваа. Во 1994-та ја претрпевме загубата на Аиртон Сена и Роланд Раценбергер во Имола, а од 1994 до 2019 имаме само еден загинат. Значи, напорно работиме денес на тоа повеќе да не се случува. И не кажувајте ми дека треба да бидам задоволен, затоа што никогаш нема да бидам. Еве, кога го воведовме Halo системот, возачите велеа не ни се допаѓа, а сега мислам дека тие не би влегле во болидот без него. Понекогаш потребно е време за да ги убедите луѓето. Кога мојот претходник Макс Мозли го наметна, возачите велеа не сме компатибилни со него, а сега не е така. Исто е и во другите категории, од кои некои за жал се многу опасни. За мене најопасна категорија е крос кантри, каде има многу високи брзини а нема пат – само роуд-бук кој е застрашувачки. А уште поопасно е за двотркалците. И затоа има повредени и загинати.

Што е со формула 1 и електричните технологии?

Секој ден во формула 1 можеме да ги демонстрираме достигнувањата помеѓу нормален мотор со внатрешно согорување и хибриден мотор. И формула Е. Зошто ја сакаме формула Е во градовите? Затоа што електричните возила се добро адаптирани за градот. Затоа што во градот на ограничената автономија и долгото полнење на батериите не се гледа како на недостаток. И сметаме дека е атрактивна за ваква средина. На мотоспортот не треба да се гледа само како на добро шоу, туку како што пред малку реков, на лабораторија. И така е со децении. Земете ги на пример, осветлувањето, диск сопирачките, карбон-фибер шасијата – толку многу работи беа развиени благодарение на мотоспортот. Друга работа, атрактивноста на мотоспортот дава еден инпут. Имате 20, 50, 100 па и 200 вработени во тимовите за кои се потребни пари. Кај нив мотивираноста е поголема кога работат на нормален автомобил.

Автомобилските производители секој ден произведуваат сé побезбедни автомобили, а од друга страна имаме технологии и уреди кои го одземаат вниманието. Што мислите вие за смартфоните и тие технологии?

Јас не сум некој добар пример за мобилните телефони, но некои ги користат секојдневно и во право сте дека го одвлекува вниманието. На пример, имате ГПС кој многу помага но и го одвлекува вниманието. Имате и понова технологија, глас кој ви дава информации, па информации испишани на ветробранското стакло. Но сето тоа го одзема вниманието на возачот и се согласувам со вас.

И покрај сé смртноста во мотоспортот сепак е голема. Како да се намали?

Јасно е дека голем дел од смртните случаи и повреди во мотоспортот не требаше да се случат. Извештајот од несреќата во Спа во формула 2 ќе не натера уште побрзо да реагираме. Но не е само тоа. Формиравме комисија за безбедност која работи со одделенијата за безбедност и тие постојано ја следат ситуацијата и работат на подобрување на безбедноста. Од секоја трка се даваат извештаи без разлика дали имало или немало несреќи. Ние не чекаме да се случи смртен случај, постојано ја следиме ситуацијата и реагираме за да догодина биде подобро.

Дали времињата порано беа подобри или се сега?

Јас не мислам дека времето е пари, затоа што уште од детството сум во мотоспортот. Почнав како совозач и не го врзував појасот. Знам дека на некој почетник не треба да му кажувам за тоа, се чувствувам одговорно. Но сега не влегувам во возилото без да го заврзам појасот. Времињата се менуваат, некогаш на подобро некогаш на полошо, како кај релито. Ако споредам пред 30 години и сега, веќе не е толку интересно. На пример, ако зборуваме за сафари релито, тоа траеше 4 дена за кои се поминуваа 5 илјади километри, но сега веќе не може така да функционира. Истото се случува и на асфалтните релија. На пример, на Монте Карло релито, пред 40 години имаше специјални етапи и патни етапи на кои се постигнуваа невозможни времиња. Сега нив повеќе ги нема. Морате да прифатите дека времињата се сменија. Можете да имате носталгија кон минатото, но ќе ја кажам основната работа – побезбедно е сега. Се сеќавам, луѓето порано доаѓаа на трка очекувајќи дека нешто ќе се случи. Но сега ништо не се случува. На еден начин тоа е многу добро. Луѓето треба да одат да видат шоу, а не за некој да биде повреден.

Кажете ни нешто за кампањата за безбедност што ја имате.

За која кампања прашувате? FIA имаше кампања со најголемата компанија за билборди во 2017-тата. Ја започнавме во март најголемата едукативна комуникациска кампања со 18 светски познати амбасадори. Маркез вели стави ја кацигата, Алонсо вели заврзи го појасот, Розберг вели не пиј и вози, Надал вели провери ги пневматиците. Бев во Оман и низ целиот град ги гледав билбордите. Оваа кампања опфати 500 града и 80 држави. Пред да дојдам овде го продолживме овој договор за кампањата. Треба да ги направите луѓето свесни за доброто однесување.

Како гледате на салоните за автомобили?

Начинот на комуникацијата и начинот на кој купувате автомобил се сменија. Женева е многу интересна затоа што на неа има многу мали производители кои се појавуваат со возила во лимитирани едиции. Како што реков, времињата се менуваат, начинот на кој сега се купуваат автомобилите се смени. Сега одите на интернет, а не како порано во салон. За мене лично, јас сум старомоден. Минатата недела поминав неколку часа на Retromobile, еден убав настан за олдтајмерите и се зачудив затоа што повеќето од луѓето беа постари од 50 години. Со други зборови, тие што се интересираат за нив се стари. Јасно е, времињата се менуваат.

клучни зборови: , ,