Кинезите ќе ги произведуваат своите возила во фабриката во Валенсија
Ford има уште еден партнер – се здружи со Geely. Постигнатиот договор вклучува формирање нова компанија во која Кинезите ќе имаат една третина од сопственоста. Таа ќе управува со фабриката на Ford во Валенсија каде Geely ќе ги произведува своите возила за европскиот пазар. Се очекува прв да биде електричниот кросовер EX5 кој веќе е достапен на некои пазари. Договорено е и кинескиот производител да развие модел кој Ford би го продавал под своите ознаки. За него се знае дека ќе биде кросовер кој освен во чисто електрична изведба ќе биде достапен уште со продолжувач на автономијата и како плаг-ин. Планирано е да се појави во 2028-ма година. Во склоп на договорот сите сегашни вработени во Валенсија ќе преминат во новата компанија, а Geely нема да донесе свои луѓе од Кина. Во фабриката сега се произведува Kuga и таа работи само со една четвртина искористеност на капацитетите.



