Новиот модел на британската марка ниту е теренец, ниту пак караван – или можеби е и тоа, и тоа?
Семејството на Range Rover добива нов член. Едноставно е означен со буквите GT што всушност покажува што е. Изгледот генерално отстапува од познатите каросериски форми иако по дефиниција можеме да го сместиме во сегментот на купе-кросовери со елегантно спуштена линија на покривот. Но неговите пропорции не го следат во целост трендот ниту пак го сместуваат меѓу класичните каравани. Идејата на Range Rover сепак е јасна – да се понуди модел чиј акцент ќе биде на удобноста при долги патувања, со динамичен изглед и возни карактеристики кои се поблиску до патничките автомобили отколку традиционалните теренци.
Димензиите засега не се објавени па останува непознато колку ќе отстапува од вообичаеното и каде точно ќе се смести во гамата на производителот. Камуфлажната фолија со дизајн инспириран од топографијата на подрачјето околу седиштето на компанијата во Гејдон го крие и изгледот на предниот дел. Но затоа пак ентериерот е скоро во целост покажан. Кабината е проектирана според филозофијата која тие ја нарекуваат редуктивен дизајн, со цел на патниците да им се понуди чувство на релаксираност и пространоста. Визуелните елементи се сведени на минимум, а најголемиот акцент е ставен на квалитетот на материјалите и чистите линии.
Техничката основа е новата електрифицирана модуларна платформа проектирана да работи на 800 волти. Таа во иднина ќе послужи и за новите генерации на Evoque и Velar, како и за Land Rover Discovery Sport. Значајно е и тоа што покрај чисто електрични изведби ќе може да понуди и хибридни алтернативи. Деталите не се познати. Прототипите се во финална фаза на тестирања а производството ќе биде организирано во фабриката во Хејлвуд.




