Ексклузивно – Dacia Sandero & Stepway

Возевме Ексклузивно насловна

Опасен тандем

Рационално и емотивно

објавено 27. ноември 2020

Според веќе испробаната формула на сцена стапија Sandero и Stepway, модели кои направија квантен скок во својата 11 годишна кариера. Овие две изведби се одличен пример како може да се интерпретира изгледот на иста механичка основа. Ние имавме ексклузивна можност да бидеме првите во регионот кои го тестираа Sandero и шмекерскиот рафинат Stepway. Тие се борат во силен сегмент каде се присутни одлични автомобили.

Sandero сега е наоружан со модуларната CMF платформа на која е поставен Renault Clio што му дава дополнителен ветер во грбот. На вкупна должина од 4,088 мм поставена е зрело дизајнирана кабина и солиден простор во внатрешноста кои се крајно рационално осмислени. Истиот дизајн е применет и кај  верзијата Stepway која треба да биде ориентирана кон купувачи кои им даваат предност на модерните естетски пристапи. Повисок е од донаторот за 41 мм и има изразено теренски изглед. Тоа е поради поголемите 16 инчни тркала, покривните носачи, биколорноста на решетката и дополнителните пластики. Помеѓу близнаците има осетна разлика во уредувањето на внатрешноста.

За секаква пофалба е рационалноста кај Sandero, но тврдата пластика го расипува впечатокот. Поради целта да биде осетно поевтина од остатокот во сегментот мораше нешто да се жртвува. Се издвојува евтиното и функционално решение поставено на врвот од централната конзола. Тоа е всушност само држач скриен во остава чиј поклопец ја фиксира позицијата за паметен телефон кој служи како монитор. Интериерот на Stepway е ист, но многу различен. Насекаде има биколорни цитати, на седиштата, дифузорите за воздух а доминира осум инчниот монитор и платнениот тапацир што се протега по должината на предната арматура. Stepway користи исти мотори и шест степен мануелен додека е во предност со опционалниот CVT менувач. Трицилиндричниот мотор од еден литар е основата. Кај најевтиното Sandero доаѓа со само 65 КС. Посилните две изведби се опремени со турбо полнач кој помага да се испумпаат 90 или 100 КС. Оваа последната работи на бензин и на плин, комбинација која дава можност со едно полнење да се поминат повеќе од 1200 километри!  Овој модел не беше на репертоарот.  Модерниот воздржан стил на Sandero успешно е помешан со рационалниот пристап. Дел од стратегијата е да биде понудена евтина верзија без компромис на функционалноста и безбедноста. Од возачка перспектива не изостанува ништо. Инструментите се јасни, позицијата на манипулаторите за вентилација логична, седењето дава прегледност. Аплицирани се проверени решенија, додека трендовските одат кај Stepway. Тоа се оправдува преку различната целна група купувачи. Во ниту еден случај не може да се каже дека Sandero е инфериорен.

Напротив, тој ги има сите атрибути рамноправно да се носи со конкурентите. Задвижуван со трицилндерски мотор од 90 коњи пренесувани преку шест степена мануелна трансмисија овозможува добра мобилност. Менувачот е елестичен давајќи дополнителна лежерност во возењето. Забележав дека просторот помеѓу ослонувачот на стопалото и педалата за кумплунг не е доволна па често при менување на преносите со врвот на обувката закачував на педалата. Возните својства се добри и се вклопуваат во очекувањата и потребите во класата. Дури изненадува стабилноста во свиоци. Борд компјутерот пријави просечна потрошувачка од 6,7 литри бензин, а достигнав максимална брзина од 170 км/ч и при тоа не почувствував нелагодност. Поминатите километри ме убедија дека Dacia Sandero станува сериозен играч на пазарот нудејќи проверена технологија и рационална опременост.

Кај шминкерскиот Stepway со CVT менувач и 90 КС се чувствува зголемената височина.  Притискањето на старт/стоп копчето го следи остар звук на моторот. Во тек на возењето неговите перформанси се покажаа како адекватни за поставената задача. Силата се пренесува преку без степена трансмисија (CVT) наменета за конформистите. Сепак, бучното работење, мрзливиот одговор на забрзувања и потрошувачка од 8,1 литар фрлаат сенка на првобитната намена. Во тек на возењето имаше ридски рути со многу свиоци. Подвозјето е добро избалансирано со отсуство на финеса која најмногу се гледа преку управувачот чија прецизност би требала да биде дотерана. Форсирањето на свиоците со повисока брзина може да биде многу возбудливо поради склоноста кон надуправување. Од друга страна естетски е сосема добро стокмен, има добра ергономија и чувството во кабината е пријатно.

Робусниот надворешен изглед  пренесен е внатре. Биколорниот амбиент е во согласност со трендовите на поскапите модели исто како екранот осетлив на допир. Таквите компромиси треба да се очекуваат бидејќи на Dacia и е важно да постигне пониска цена, а со тоа поголем пласман. што уште еднаш ја потврдува намената на Stepway. На прво место се амбиентот, солидната мобилност и фер понудата што во овие услови е силен фактор за одлука на купувачите. Македонска премиера очекуваме најдоцна во март со најавена атрактивна цена. За моделот со турбо-бензински мотор од 90 коњи и мануелен шест степен менувач, кого и јас би го одбрал на место поскапата CVT опција, ќе се продава за 11.950 евра.

За Sandero информациите се по оскудни и нема утврден план кога и по која цена би се продавал. Во секој случај дуото Sandero-Stepway нуди две опции. Првата е за рационални а втората за емотивни купувачи. Двете категории се спротивни, но ги обединува желбата на купувачите да добијат повеќе за парите. Тоа го прават Sandero & Stepway опасен тандем!