Првиот електричен модел на Јеер делува атрактивно и зрачи со шарм и стил. Нема сомнеж дека ќе се продава врз основа на тоа како изгледа. Сепак Avenger е исто така способен да пружи пристојна автономија и возни својства кои се очекуваат од марката.
Што е Avenger?
Avenger не е „џипот“ што ќе го искушувате низ планините, но се чувствува како дома во метежот на урбаната џунгла. Впрочем тој е створен да покаже дека американскиот мускулес голтач на теренот може успешно да се префрли од октаните на електроните. Како засилување му доаѓа бензинска верзија за оние кои не се сосема подготвени за EВ. За тоа, по тоа.
Можеби ќе имаме шанса да ја возиме неговата бензинска верзија која, патем речено, што туку пристигна во Македонија. Сега ќе се фокусираме на електричната изведба која прва е лансирана и е присутна на пазарот една година. За тој период „Одмазникот“ ја освои титулата „Автомобил на годината во Европа за 2023-та“ и успеа да прокнижи над 40.000 нарачки што покажува дека во него има европска прикаска.
На прв поглед
Со должина од 4.084 мм, ширина 1.776 мм и висина 1.528 мм, Avenger е компактен кросовер. Всушност, тој е еден од најмалите во својата класа, пократок од Peugeot 2008 за 216 мм, и покрај тоа што ја споделува истата платформа e-CMP2. Avenger е само 24 мм подолг од Opel Corsa, иако токму тие компактни димензии го прават толку вешт во совладување на градските предизвици.
Не изгледа уникатно, но секако згодниот стајлинг на Avenger е голема атракција. Успева да ги измеша класичните стилски знаци на Jeep Willys од 1941 година и да покаже како може на унифицирана платформа, па згора на тоа електрична, да ги пренесе гените на својот чукун дедо. Затоа решетката има седум отвори, нагласени се густите сводови на тркалата, а на целата каросерија вметнати се изразено модерни детали. Има и паметни стилски елементи.
Предните светла длабоко се вдлабнати во каросеријата, така што има помали шанси да се оштетат при паркинг, а истото е и кај фаровите за магла и задната светлосна група. Дури, иако нема да се исползува по беспаќа, носи вистинска заштита на подвозјето. Тоа е вистинска алуминиумска плоча, која кај повеќето возила е тенко парче обоена пластика.
Кај Avenger е посуштинска, функционална плоча која го штити подвозјето од гребење. Тешко дека ќе и се најде вистинска употребна функција на асфалтот, но тука е да потсети на теренските гени што ја негува марката. Дизајнерскиот тим на Avenger имаше задача да изрази што повеќе од припадноста на брендот на само четири метри должина, и искрено тие успеаа во тоа! Дури и од авион се гледа дека ова е Јеер! Додека другите мали електрични теренци се карактеризираат со заоблена каросерија, заоблена линија на покривот за да изгледаат футуристички или да помогнат во аеродинамиката и опсегот, Avenger има бесрамно густа и квадратна форма за да му даде повеќе став.
Предниот дел е еволуција на Willys, страничната линија со широката обвивка по должина и појасите на тркалата, му даваат суштина на теренец и се поотпорни на удари и гребнатини отколку обоените браници и странични здолништа. Задниот дел е многу едноставен, со повеќе црна пластика и задни светла со мотив во облик на буквата Х.
Во внатрешноста
Во кабината добивате фанки чувството што е многу логично доколку ја познавате марката. Има големи густо групирани физички копчиња на контролната табла, воланот и централната конзола, и дава многу солиден впечаток. Теренскиот имиџ продолжува со тврдата црна пластика во внатрешноста која доминира во однос на материјалите што се меки на допир.
Некои ова ќе го протолкуваат како намалување на трошоците, но мене ми остави впечаток дека Avenger е „силно момче“ подготвено за груба игра. Панелот во боја на каросеријата по целата ширина изгледа паметно, но предизвикува и некорисни рефлексии во ретровизорите и на ветробранското стакло. Ми се допадна отворената полица за складирање на предниот панел, но пластиката на вратите и на долните рабови на инструмент таблата не импресионира.
Големиот 10,25-инчен екран на допир поставен високо во центарот е стандарден и работи добро, како и соодветните физички контроли за греење и вентилација, карактеристика на која дизајнерите на Jeep со право се гордеат. Дисплејот на инструмент таблата, исто така се протега на 10,25 инчи, е јасен и корисно приспособлив. Централната конзола меѓу предните седишта модерно е решена.
Има значителен простор за складирање, а тој е покриен со магнетна обвивка во стилот на футрола за таблети, и дом е на безжичниот полнач за телефон и пар USB приклучоци. Има два големи прилагодливи држачи за чаши и уште еден простор за складирање под предниот потпирач за раце. Седиштата се удобни, со пристојни странични потпори за да не се чувствувате како да се лизгате низ свиоците. Квадратната форма на Avenger не само што му го дава препознатливиот изглед на Jeep, туку овозможува импресивен простор за главата и напред и назад. Дури и повисоките не би требало да имаат проблем да најдат удобна положба за возење благодарение на многуте прилагодувања и на седиштето и на воланот.
Поставеното возачко седиште во позиција што мене ми одговара покажува дека на задната клупа простор за колената ќе имаат само деца. Но, на децата им е важно да имаат USB С приклучок, што им е овозможено, но бидејќи е само еден, можеби на подолги патувања ќе има кавга. Кој има деца знае за што зборувам. Багажникот со своите 380 литри е со пристојна големина. Avenger не е најпространиот компактен кросовер во однос на багажниот простор, но далеку од тоа дека разочарува.
Возејќи го…
Имав прилика Avenger да го возам во секојдневен сообраќај и на тест полигон каде најдобро може да се почуствуваат карактеристиките на возилото. И покрај великодушното растојание од подлогата, цврстата структура на каросеријата и потпирањето овозможуваат многу добра контрола. Тоа одлично се забележува во градско возење. Неговите компактни димензии се вистинската формула за справување со метежот на улиците.
Удобноста е изразена. Мора да се признае, дека има тенденција нервозно да се однесува при мали брзини, но возењето станува помазно колку побрзо одите. Управувањето лесно се справува со малку поголемата тежина, но предноста е што го прави Avenger супер лесен за возење низ градот. Тоа е потпомогнато и од добрата прегледност на сите страни и квадратната хауба што го олеснува поставувањето на патот. Камерата за рикверц со висока резолуција, помага кога станува збор за паркирање, иако удирањето автомобил со оваа големина на кое било место е тешка задача. Регенерацијата на сопирачките не е доволно силна за да овозможи возење со една педала, што е штета за толку вешто возило во градското возење.
Всушност, може да биде тешко да се препознае кога сте префрлени од редовниот режим „D“, кој му овозможува да забрзува повеќе, во режимот „B“, што го активира регенеративното сопирање, бидејќи неговите ефекти се суптилни. Севкупните перформанси се добри. Изборот на еко или нормален режим на возење ја ограничува моќноста на електричниот мотор на само 81 КС, но дури и тогаш, тој повлекува прилично убаво и не мора да изберете спортски режим за да добиете пристап до сите 156 КС. Само притиснете ја педалата до подот и со ударот, целата моќ и вртежен момент на моторот ви се достапни. Покрај вообичаените режими на возење Eco, Normal и Sport, има поставки за Mud, Sand и Snow, како и систем за спуштање по рид.
Јас немав искуство во возење вон асфалт, но би се обложил дека Avenger може да им покаже на своите ривали како треба да се однесуваат на влажен или лизгав терен. Тоа најдобро го демонстрира на полигонот на Австрискиот Автомобилистички клуб во Теесдорф. На него креираната патека беше во должина од 2,2 километри, а во неа беа содржани сите можни сценарија што може да се случат во секојдневно користење. Така, Avenger беше подвргнат на аквапланинг, однесување на мокра и лизгава подлога, нерамнини, нагли свртувања… Буквално сé што може да се замисли.
И во тие услови покажа дека е зрел за сите предизвици. Има убаво избалансирано управување, добро ниво на припојување на патот, релативно лесно се стабилизира во предизвикувачки ситуации и дава чувство дека е цврсто „чекори“, но агилноста му е прилагодлива. Avenger користи еден електричен мотор за придвижување на предните тркала. Од него добива 154 КС и 260 Nm, доволно да го поттикне да забрза од мирување до 100 км/ч за 9,6 секунди. Во нормален режим, малиот кросовер забрзува со лежерно темпо, очигледно не брза никаде. Префрлувањето во спортски режим ја отклучува максималната излезна моќност и обезбедува голем удар на вртежниот момент кога првпат ќе ја притиснете педалата, но после тоа се однесува многу воздржано.
Во секој случај, електричниот мотор се чувствува доволно лут за повеќето ситуации, особено кога сте во градот. На отворен пат Avenger се однесува сосема пристојно. При поголеми брзини нагласено се слуша ветерот од гломазните ретровизори и бучавата од гумите, но тоа не ја нарушува атмосферата во кабината. Avenger е првото EВ на Jeep, но ја користи истата батерија и технологија на мотор што ги напојува ажурираните верзии на Citroen e-C4, Opel Mokka Electric, Peugeot E-2008 и DS 3 E-Tense, плус новиот Fiat 600e. Тоа значи дека под подот има батерија од 54 kWh, од кои 51 kWh се употребливи.
Jeep вели дека може да обезбеди доволно струја за да покрие до 420 километри. Сепак, производителот тврди дека можете да поминете до 510 километри со едно полнење во градски сообраќај во Еко режим на возење со регенеративно сопирање. Брзината на полнење на батеријата е на исто ниво со повеќето негови главни ривали, но не се водечки во класата. Брзината на полнење на Avenger на полнач со моќност од 100 kW овозможува полнење од 20-80 проценти за 24 минути. Полнењето дома со користење на типична домашна ѕидна кутија од 7,4 kW треба да трае околу седум и пол часа.
Резиме
Јасно е дека цената ќе биде важна за успехот на Avenger на македонскиот пазар, а ние сè уште немаме доволно развиен став, ниту разбирање, ниту доволна инфраструктура, а рака на срце, ниту пари за електричните возила.
Просторот во задниот дел и некои материјали во кабината не се во рамките на очекувањата, но сепак, треба да се има во предвид дека ова е возило е за малку подолго од четири метри. Изгледа одлично, вози убаво и се чини дека има пристоен електричен опсег и перформанси. 10,25-инчен екран на допир, исто токлава дигитална табла со инструменти, клима уред, загреани ретровизори, електрична рачна сопирачка со автоматско задржување, пристап во кабината без клуч, темпомат, помош за задржување на лента и LED фарови, се стандардни остварувања во возениот модел со опременост Summit.
Во догледно време, ќе биде достапен модел со погон на четири тркала со два мотори и дополнително растојание од подлогата, означен како 4XE. За својот прв целосно електричен автомобил, Avenger е импресивен чекор за Jeep. Електричната верзија е поскапа па затоа нема да биде во фокусот на македонскиот купувач. Таа треба да пристигне на нашиот пазар следната година кога ќе биде позната цената.
Во Италија во ниво на опременост Altitude се продава за 33.000 евра што може да биде реален ценовен ориентир. Тоа значи дека ќе бидат доволни 7.150 евра учество во Шпаркасе Лизинг да се стане сопственик на електричниот Jeep Avenger. Лизингот на 60 месеци е проследен со месечна рата во висина од 540 евра. Затоа пак верзијата со 1,2 литрениот турбо мотор, која е веќе понудена може да стане најпродаваниот модел на Jeep кај нас. Тој во нивото на опременост Altitude се нуди по цена од 27.550 евра. За износот и периодите на лизинг обратете се во Шпаркасе Лизинг за подетални информации.