Ексклузивно : Возевме – Hyundai Kona Electric 65kWh

Втората генерација на електричната Kona доби храбар изглед, подобрена автономија, зголемени димензии и мускули да  се справи на сè поталентираните електрични ривали.

Што е Kona?

Кога беше лансирана првата генерација на Hyundai Kona во најава беше електрификацијата, но потполно електричната верзија беше прилагодена на тогашните услови. Таа беше талентирано електрично возило во сегментот на компактни автомобили. Овој пат, втората генерација, е дотерана  со остар костум, а нејзиниот развој е направен првично како електрично возило, а секундарно како автомобил со традиционален погон на согорување и флертување со хибридните. Покрај стилските и технички интервенции, Kona Electric има целосно нов ентериер, многу нова технологија и опрема. Згора на тоа, Hyundai својот компакт го направи поголем и го зголеми внатрешниот простор.

На прв поглед

Стилот на Hyundai станува сè похрабар во последниве години, а новата Kona зема јасен визуелен став во шаренилото на визуелни инспирации на корејската компанија. Дизајнерски електричните возила на Hyundai даваат различни впечатоци. Ioniq 5 делува како возило од видео игра, Ioniq 6 ја слави романтичноста од педесеттите години на минатиот век, додека Kona си тера свој фазон. Дефинитивна карактеристика на Kona се новите предни светла сместени во тенки светлосни ленти кои се протегаат по ширината на предницата.

Во комбинација со масивно извајаниот браник тие му даваат на автомобилот роботизиран амбиент. Помалку чудно делуваат вертикалните петаголни светла за магла и лоцирањето на масивната вратичка за приклучување на полнење. Таа кај повеќето ЕВ е позиционирана на страна на кабината. Тоа на некои луѓе ќе им се допадне, а на други можеби не. Како и да е, мора да се признае дека не постои кросовер во компактната класа што е така интересен за гледање како Kona.

Во кабината

За новата генерација на Kona направени се зголемувања. Со новото меѓуоскино растојание од 2.660 мм, кое во однос на првата генерација е подолго за 60мм, растегната е кабината на 4.355 мм (+175мм) и поширока е за 25 мм што пружи значајно зголемување на внатрешниот простор. Сега повисоките возрасни лица можат да седат во задниот дел на Kona со удобност, додека багажникот е набабрен на 466 литри со сите седишта во употреба, а под подот има и простор за каблите за полнење.

Исто така, низ кабината има корисни прегради за складирање, што допринесува на улогата да биде компактно возило кое ги задоволува потребите на семејства. Атмосферата во внатрешноста коренспондира со мисијата на Kona. Има целосен широк екран на инфозабавниот систем 12,3 инчи и дигиталната група инструменти од 12,3 инчи. Самиот софтвер е импресивен, со остра графика и брз одговор. И покрај тоа, најдоброто нешто во врска со тоа е количината на физички копчиња за кратенките што можете да ги користите за да пристапите до секое од различните менија.

Впечатокот го расипуваат пластичните површини на кои, очигледно, се штедело. Тие се тврди и делуваат грубо. Ваквиот впечаток се однесува на контролната табла и внатрешноста на вратите. Повеќето ривали на Kona се подобри кога станува збор за нивните внатрешни материјали. Ако е за утеха, барем се чувствува дека тие се цврсто склопени и сите копчиња, прекинувачи и бирачи се робусни и имаат задоволителен „клик“ секогаш кога ги користите. Општо земено, и покрај овие замерки Kona има кабина со многу простор, долг список на стандардна опрема и многу визуелна привлечност.

 

Зад управувачот

Кога сте зад воланот на Hyundai Kona Electric, знаете дека сте во кросовер, затоа што седите убаво и високо. Позицијата на возење е суштински здрава. Педалите се уредно наредени, воланот има многу можности за прилагодување па секој лесно ја пронаоѓа својата идеална позиција на седење.

Селекторот за погон е сместен на посебен лост под воланот, решение превземено од Ioniq 5, исто како лопатките на воланот што му овозможуваат на возачот да го прилагоди нивото на регенеративно сопирање низ пет фази. Од целосно исклучено до сопирање на моќта толку силна што овозможува возење со една педала. Kona Electric лесно е да се придвижи. И штом почне движењето, доаѓа до израз префинетоста на целиот пакет. Старата Kona, секако, не беше лоша во однос на удобноста при возењето и потиснувањето на звуците од гумите или ветерот што го заматува патничкиот простор.

Кај новата генерација се чувствува прогресот како да е поставен на две скалила погоре. Меката суспензија добро ги впива несовршеностите на асфалтот, така што воопшто не чувствувате многу стрес во однос на површината на патот, дури и кога сте на лошо асфалтирани урбани улици. Импресионира суспензијата која не произведува ѕвонење или удари кога е во акција, татнежот на гумите е речиси отсутен насекаде под 100 km/h, а аеродинамичната форма на Kona Electric води до неверојатно мирен патнички простор. Забрзувајќи од 0-10 км/ч за 6,7 секунди, Kona е побрза од повеќето конкуренти. Меѓутоа, кога станува збор за електричните автомобили, перформансите не се однесуваат само на тоа колку брзо можете да забрзате туку и колку далеку можете да патувате помеѓу полнењата.

Според WLTP со поголемата батерија автономијата е 510 километри и е мало зголемување во однос на претходната Kona. Во суштина, Kona Electric е задоволство за секојдневно возење, каде што управувањето е мазно и прецизно. Регенеративното сопирање, или возењето со една педала, лесно влегува под кожа и брзо да се навикнете на начинот на кој тој целосно го запира автомобилот без да ја користите педалата на сопирачката. Кога ќе излезете на отворен пат, каросеријата на Kona делува робусно и лесно ги вари сите нерамнини. Вториот дел од возењето беше во изолирани услови, на патека со вештачки подготвени сценарија што ги симулираат сите можни предизвици што може да се појават на патиштата. Управувањето на Kona е прилагодливо преку три режими.

Во модусот Sport, управувачот станува потежок, но не особено комуникативен, но има доволна интеракција со тркалата. Во нагли и динамични маневри се чувствува мекоста на потпирањето која ве принудува да работите доста активно со управувачот. Сепак, мазниот начин на кој Kona ги извршува посмирувачките секојдневни задачи на возачот, е скроена за комфор и учивање во возењето беа да се имаат во предвид спортските амбиции на возачите. Впрочем, повеќето од оние што се одлучуваат за електрични возила, не им е грижа за крајните можности во екстремни ситуации.  Кога сте зад воланот на Hyundai Kona Electric, знаете дека сте во SUV, затоа што седите убаво и високо. Има многу електрично прилагодување на седиштата за да ви помогне лесно да ја пронајдете вашата идеална позиција за возење.

Што добивате за вашите пари

Hyundai Kona Electric во Македонија ќе пристигне идната година во две спецификации, познати како Elegance и Platinum. Моделот од 48 kWh е достапен само во првиот од овие, додека можете да ја одредите верзијата од 65 kWh во која било верзија.  Како и кај повеќето Hyundai модели, листата на стандардна опрема е долга.

Секоја Kona Electric Elegance доаѓа со тркала од 17 инчи, преклопливи и загреани ретровизори, затемнети задни стакла, електронска рачна сопирачка, загреани предни седишта и загреан волан, исто така, двозонска контрола на климата, автоматски светла и бришачи, радар темпомат, предни и задни сензори за паркирање со камера за рикверц, влез без клуч, двојни 12,3-инчни дигитални екрани, поврзување со Apple CarPlay и Android Auto, грејач на батеријата и топлинска пумпа, и исто така дарежлива количина на напредни системи за помош на возачот (ADAS).

Колку чини Kona

Тестираниот модел со батерија од 65 kWh, според увозникот Гранд Моторс, во основната верзија ќе чини 34.800 евра. Оваа сума е далеку по поднослива со купувањето на лизинг. Со учество од 7.370 евра можете да ја ангажирате Hyundai Kona Electric да ви служи. За нејзините услуги ќе треба да одвоите рата во Шпаркасе Лизинг во висина од 555 евра со рок на отплата од 60 месеци.

Резиме

Додека стариот Hyundai Kona Electric беше достојно мало EВ со добра автономија, корејската компанија се издигна со моделот од втората генерација. Не оди многу подалеку со својата електрична моќност, ниту пак е многу побрза од порано, но новата Kona Electric е значително попријатна за возење, особено за патниците кои уживаат во удобноста и солидно тивката внатрешност.

Тоа што автомобилот изгледа атрактивно однадвор, има една од најдобро конципираните кабини во класата. Поради горе наведеното можеби ќе може да се замижи на едно око поради грубата пластика во кабината. Во прилог на поклониците на електричните возила оди податокот дека за полнење на батеријата на полнач од 100 киловати, кои патем речено, кај нас се поретки од плантажите на авокадо,  од 10 до 80% потребни се 47 минути. На домашен ѕиден полнач процесот ќе трае повеќе од осум часа. Во текот на дводневните тестирања потрошувачката отстапуваше од декларираната. Просечниот скор изнесуваше 16,7 kWh  или едноставно кажано 100 км помалку од онаа според WLTP.

Сподели

Последни новости

Актуелни цени на горивата

  • еуросупер 95 - 80.50 ден
  • еуросупер 98 - 83.00 ден
  • еуродизел Д5 - 69.00 ден
  • течен нафтен гас - 48.00 ден
  • метан - 69.00 ден

Сакате да добивате известувања?

Зачлени се на нашиот NEWSLETTER