Франција со субвенции до 12.000 евра за електричните возила
Владата на Франција ќе одвои 1,3 милијарди евра за субвенции при купување автомобил
Објавено на 2 јуни 2020 година
Како дел од планот за спасување на економијата, француската влада предвидува широкогради субвенции за купување автомобил – и до 12.000 евра. Според него, секој што својот стар дизел ќе го однесе на отпад ќе добие 5.000 евра, а ако купи електричен автомобил со цена до 45.000 евра, уште 7.000. Претпријатијата ќе добијат по 5.000, а купувачите на плаг-ин хибриди со електрична автономија од најмалку 50 километри по 2.000 евра. Предвидено е да се стимулираат и купувачите на користени возила со по 5.000 евра ако купат електричен или плаг-ин хибриден автомобил и со по 3.000 евра за возило со мотор со внатрешно согорување доколку тоа ги исполнува најновите стандарди за емисиите. Планирано е со субвенциите кои ќе траат до крајот на годинава да биде опфатена продажбата на околу 200.000 возила.


