Постигната брзина како и кај суперполначите
Полнењето струја претставува голема нелагодност за возачите и пречка за масовното прифаќање на електричните возила. Затоа и не чуди што науката сериозно се ангажира околу овој проблем. Едно од решенијата кое е прифатено со голема доза скептичност е безжично полнење со помош на индукција, чиј главен недостаток е малата брзина. Дека не мора да биде така покажаа истражувачите од националната лабораторија Оук Риџ на американското министерство за енергија. Тие со својата нова технологија успеаја да постигнат рекордна брзина на полнење од дури 270 kW, користејќи како демо возило Porsche Taycan. Колкав напредок е ова покажува тоа што моменталните комерцијални решенија за безжично полнење нудат само до 11 kW. Ова воедно отвора и реални можности за изградна на иновативните електрични патишта кои ќе ги полнат батериите во текот на возењето.


