И догодина без салонот во Женева?!
Објавено на 31 мај 2020 година
Нема да изненади ако 2020-тата остане без ниту една позначајна меѓународна автомобилска манифестација, но ако тоа е очекувано, шокираше веста дека е неизвесно одржувањето и на салонот во Женева идниот март. Иако финансиски, причините за тоа сепак се поврзани со пандемијата на корона вирусот. Имено, откажувањето на неговото годинешно издание во последен момент на организаторите им донесе загуба од 11 милиони швајцарски франци. Заради тоа тие побараа државна помош, која во вид на кредит од 17 милиони франци ја добија од кантонот Женева. Но властите за неа поставија услови, кои според организаторот на салонот беа неприфатливи. Кредитот е одбиен, заради што е доведен во прашање и самиот опстанок на фондацијата што повеќе од сто години го организира овој настан. Според некои проценки, салонот на автомобилите во Женева со своите околу 600.000 посетители на локалната економија придонесува со 200 милиони франци.


