Напаст или ново секојдневие?!
Ги среќаваме во голем број, а во иднина ќе ги има сé повеќе – со својата економичност и практичност електричните тротинети на јуриш ги освоија и нашите улици
Објавено на 28 мај 2020 година
Не ни требаше многу време да сфатиме дека електричните тротинети се совршен лек за гужвите и одлична алтернатива за јавниот превоз. Ги има секакви – од евтини кинески кои едвај се носат самите себе си, до такви кои развиваат дури и 50 километри на час. Но додека градот ги субвенционира, законот не ги препознава. Како нов тип на превозно средство тие никаде не се дефинирани и иако ги гледаме на улиците, тој не може да ги види. Затоа можете да ги возите пијан или дрогиран, да изведувате акробации и воопшто да правите што сакате со нив. Полицијата не може да ви напише казна оти нема врз основа на што. Ова сепак мора итно да се смени бидејќи нивните возачи се целосно незаштитени, и физички и законски. Мора да се донесат правила какви електрични тротинети смеат да се продаваат, пред сé во поглед на безбедносната и светлосната опрема. Треба да се регулира и кој, како и каде смее да ги вози. Германија прва го стори тоа, пропишувајќи дека тие можат да бидат управувани од лица постари од 14 години со брзина до 20 километри на час. И тоа на јавните сообраќајници, што значи не само по велосипедските патеки туку и на улиците и булеварите. Но таму сообраќајната култура е на високо ниво а токму заради нашата, мора да ги заштитиме возачите на електричните тротинети додека не е доцна.



