Со претставувањето на Astra Electric, Opel за својот популарен компакт ги обезбеди сите можни погони

Opel незапирливо чекори кон електрификација на целата гама. Досега, во своето портфолио успеа да запише 15 електрифицирани, сега има четири потполно електрични модели, а петтиот доаѓа во септември.

Ова е курсот по кој се движи „руселсхајмската молња“ со цел до 2026-та целиот асортиман да има изведби со батериски електричен погон. За пофалба е намалувањето на тежината. Иако електрична, Astra тежи само 1.670 килограми.

Доктрината со која Opel настапува е потполно рационална. Не се трошени огромни буџети електричните возила да имаат радикално поинаков изглед од оние што ги погонуваат класичните мотори. Напротив, нивниот изглед се разликува само во нијанси кои јасно нагласуваат дека погонот е без емисии на издувни гасови.

Модерниот стил на Opel Astra не е променет во целосно електричната верзија, а тоа ќе им се допадне на повеќето купувачи. Предницата го носи потписот на марката. Vizor стилот кој сега е присутен во целата патничка гама на Opel, ги вклучува предните светла со најновата технологија за матрично осветлување, визуелно функционира многу добро и суптилно овозможува проток на воздух низ неа.

На надворешниот стил на Astra Electric се контрастните црни ретровизори и црниот покрив. Овие елементи се вклопуваат добро. На целиот впечаток финиш му дава задниот спојлер кој се обвиткува околу задното стакло за да ја зајакне аеродинамиката на автомобилот и го зголемува спортскиот стил.

Аеродинамичната ефикасност ја зголемува и новиот дизајн на тркалата од 18 инчи и затворениот долниот дел на каросеријата што го зголемува опсегот на возењето. Поклопецот на багажникот ја носи мала значка “e” за да го означи електричниот модел. Тој е направен по метод на производство на термопластика заради намалување на тежината и, кога се отвора, открива капацитет на багажникот од 352 литри односно 1.268 литри кога седишта се преклопени.

Овие вредности се помали за 70 литри во однос на Astra со класични мотори. Внатрешноста е опремена богато. Предните седишта се со сертификат AGR и се подесуваат во сите смерови. Удобноста е на високо ниво.

Од возачкото седиште се отвора модерен, чист дизајн на контролната табла. Opel Pure Panel се состои од два екрани обединети во исто куќиште. Наместо да го заслепува возачот со светкава графика и да бомбардира на информации, дисплејот на инструмент таблата содржи прилично минималистички изглед, што му ги прикажува најрелевантните информации на возачот.

Најновиот главен дисплеј во боја е еден од подобрите на пазарот, особено кога се користи навигацијата, бидејќи прикажува лесно разбирливи насоки во линија на очите. Инфозабавниот дел на дисплејот Pure Panel е закосен кон возачот а веднаш под него има два реда физички копчиња за често користените функции како што се греачите на седишта и температурата во кабината.

Другите функции достапни во Astra Electric вклучуваат загревање на воланот и загревање на ветробранското стакло кои се погодни за зимскиот период. Opel стандардно вградува и топлинска пумпа, што дополнително ја зголемува ефикасноста. За жал нема вентилирани седишта. Кабината има доволно простор за патниците.

Задната клупа е комотна па дури и најдолгите патувања стануваат удобно искуство. Практичноста ја зголемуваат централниот отвор за вентилација и USB приклучок за полнење. За возење беа понудени повеќе маршрути во кои доминираа градските етапи.

Берлин во последните години наликува на Скопје. Се гради насекаде, забележлива е гужвата на улиците чиј асфалт е прилично нерамен, а сообраќајот помалку е хаотичен. Тоа се идеални услови да се забележи како е конструиран автомобил. Astra е зачудувачки тивка низ градот, нагласувајќи колку пријатно може да биде возењето со електричен погон.

Квалитетот на изработката на автомобилот е многу добар. Нагласена е робусноста и одлично подесената амортизација. Моторот со 156 КС непречено ја храни моќноста во неговиот стандарден режим на возење. Тој овозможува силно забрзување иако не спаѓа во најсилните во класата. Целата кабина одлично е звучно изолирана па возењето добива поинакви димензии.

Нема додадени вештачки звуци на погонската единица, дури ни во Sport режимот. Со негово избирање одговорот на електричниот мотор на педалата за гас се изострува, правејќи Astra да даде силен впечаток. Управувањето е лесно, дури и во спортски режим, додека суспензијата е убаво калибрирана за автомобилот.

Поголемите нерамнини лесно се гушат, а квалитетот на возењето севкупно е импресивен. Astra останува стабилна и концизна низ свиоците со средна и поголема брзина, и таква останува при посилно темпо на автопат. Таму, нивото на бучава во кабината останува релативно ниска. Но, во градското и урбаното возење Astra Electric ги дава своите најдобри перформанси.

Пониските просечни брзини и зголемената можност за регенерација на батеријата од 54 kWh ќе ги израдува возачите кои сакаат да гледаат бројки за мала потрошувачка на енергија на нивниот патен компјутер.

Силата на системот за регенерација на енергијата на сопирачките може да се зголеми со притискање на копчето „B“ и значително го зголемува обновувањето на енергијата. Пред една година ја возев Astra со автоматски менувач и дизел агрегат.

Иако се скоро ист производ, впечатокот што го остава електричната верзија е далеку подобар. Дури и чувството што го добива возачот при управување е по суверено. Можеби недостасуваат лопатки зад воланот за да се менува нивото на регенерација на повеќе нивоа.

Ќе помине уште малку време пред Еуроимпекс да ги потврди цените за Astra Electric, бидејќи автомобилот нема да пристигне кај нас пред доцна есен. Во Германија чини 45.000 евра, цена која ќе биде околу 38.900 евра со субвенции на државата. Од многуте опции за погонски склоп достапни за Astra, електричната што е тестирана овде е најпривлечна.

Батеријата од 54 kWh обезбедува доволно енергија за официјални 418 километри возење – повеќе од доволно за просечниот дневен патник, но бројката за опсегот кажува само дел од приказната. Официјалната комбинирана потрошувачка од 14,8 kWh/100 км е за почит, но за време на моето возење забележав просек од само 11,9 kWh/100 км, делумно благодарение на претежно урбаната рута иако имаше и делови од возење на автопат.

Се чини дека верзијата на батерии вредеше да се чека. Доби поголем пакет батерии од 54 kWh што сега го користат другите модели од групата Stellantis. Opel Astra Electric работи импресивно. Малку помалиот багажник во однос на класичната изведба не ја нарушува функционалноста.

Бонус е тоа што на хечбекот со пет врати во септември ќе му се придружи караванската варијанта. Големината, обликот и тежината на Astra даваат респектабилни бројки за потрошувачката во реалното користење што обезбедува доволно автономија за повеќето возачи. Самоувереното држење на патот помешано со здрав степен на префинетост во автомобилот придонесуваат за одличен впечаток.