„Канистер“ за струја
објавено на 6 ноември 2021
За во град се супер, но еден од најголемите проблеми кој ги одвлекува купувачите од електричните возила е загриженоста за реалната автономија и неможноста за полнење на батериите среде пат кога тие ќе се испразнат. Токму за ова, решение има компанијата ZipCharge која претстави преносни батерии кои ја имаат истата функција како и канистерот за гориво. Функционираат на ист начин како и power bank продуктите за мобилните телефони, само што се доста поголеми и можат да ја продолжат автономијата за 32 до 64 километри во зависност од моделот на електричниот автомобил. Димензиите им се отприлика колку куфер за патување и без проблем може да ги собере во багажникот на скоро сите автомобили. Имаат и тркалца, но не се баш лесни ако треба да се подигнат бидејќи тежат 22,6 килограми.
Компанијата што ги произведува ветува дека ќе можат да работат со било кој кабел за полнење од тип 2 и дека ќе можат да ја пренесат складираната енергија на возило за 30 до 60 минути. Но сепак единствената сериозна маана им е што сé уште не се подготвени за сериско производство – во план е да бидат понудени ова време идната година, по цена за изнајмување од сериозни 49 фунти месечно. Ќе можат и да се купат, ама засега не се знае колку ќе чинат.