За непоправливите зависници од октаните
Виртуелните зависници од октаните веќе можат да се насладуваат на најновиот спортски автомобил на Toyota
Објавено на 7 мај 2018 година
Јапонците како арена за премиера на спортската Supra ја избраа Gran Turismo видео играта за PlayStation. Иако во нивното соопштение за јавност доминираат информациите за дигиталниот концепт, сепак истакнаа и некои детали за вистинскиот автомобил. Наследството на името што го носи ги дефинираат моќта и перформансите достојни за чистокрвен спортски автомобил. Репутацијата ќе ја задржи како машина за освојување на тркачките трофеи, засега со план за хомологирање само за трките на издржливост. Од порано знаеме дека Supra ќе има мотор напред, погон на задните тркала и скоро идеална распределба на тежината. Развивана е заеднички со BMW, од каде потекло ќе води и атмосферскиот шестцилиндричен мотор со 450 коњски сили. За разлика од првите информации, официјално е потврдено дека погонската механика ќе нема хибридна поддршка. Ќе се произведува во погоните на Magna Steyr во Австрија, а на пазарот ќе биде лансирана во првата половина на 2019-та година под ознаките на тркачкото одделение Gazoo Racing. Цената не е објавена, но сигурно е дека нема да биде ниска – според некои таа ќе изнесува 60-тина илјади евра.
видео