VW – ID.4

Видео Новитети

Атрактивен и способен

Семејството на електрични модели од Волфсбург се зголемува, овој пат со спортско-корисно возило!

Објавено на 26 септември 2020 година

Трансформацијата на Volkswagen се одвива според утврдениот план. На сцена стапи првото потполно електрично спортско-корисно возило кое зрачи со емоции, функционалност и просторност. Воедно, ID.4 е скроен да импресионира со автономијата и можноста бргу да ја дополнува батеријата. Со ваквите решенија во голема мерка се олеснува употребливоста на возилото кому му е зацртана глобална кариера. Спортско-корисните возила се најпопулани на сите пазари и побарувачката за нив бележи константен раст. Поради големата прегледност, пасивна безбедност, комфор и флексибилност тие се мета на семејствата и оние кои имаат активен животен стил. ID.4 е сестрано возило кое е наоружано со 77 kWh батерија која овозможува дострел до 520 километри. Инсталирана е испод патничкиот простор што овозможува ниско тежиште.

Нејзиното полнење на брз полнач трае 30 минути, време за кое батеријата се полни за возење на 320 километри. Електро моторот е позициониран над задната оска која е погонска. Тој генерира 204 коњи доволни да забрза со стотка за 8,5 секунди и да достигне максимални 160 мк/ч. Благодарение на растојанието од тлото од 21 сантиметар има можност да совладува благи терени. Со должина од 4,58 метри и поставеноста на модуларната матрица за електрични возила на VW, ID.4 има завиден внатрешен простор исполнет со технологија, остварувања од кои профитираат патниците.

Просторноста е на ниво од повисоката класа, употребените материјали и бои се современи и оставаат впечаток дека се наоѓате во убав животен простор, а багажникот покрај стандардните 543 литри може да го зголеми капацитетот на 1.575 со спуштање на задните седишта. Оперативниот концепт на електричните возила овозможува потполно нов пристап во внатрешноста. Бидејќи не е зависен од копчиња и прекинувачи сите команди се базирани на два дисплеи. Едниот, на централната конзола, е од 12 инчи а командите автомобилот може да ги прима гласовно преку преку системот Hello ID. Секако дека ID.4 е исполнет со сите модерни асистенти за возење и безбедност а софтверот и хардверот се дизајнирани како дел од новата архитектура која овозможува да се ”симнуваат” модификации за возилото. Стратегијата на Volkswagen е дека иднината на мобилноста е електрична па затоа ќе лансира повеќе електрични модели. Тоа е дел од планот во кого ќе се инвестираат 11 милијарди евра до 2025 година. Несомнено е дека од неа ќе произлезат уште електрични изненадувања.

Видео