Возевме – Toyota RAV 4 PHEV Style 4×4

Петтата генерација на RAV4 покажува зошто овој модел е еден меѓу најпопуларните во понудата на Toyota веќе 30 години. Глобалниот успех се должи на многу елементи кои формираат мозаик што дава целосна слика на она што компанијата се залага и го испорачува

Филозофијата на Toyota

Toyota од секогаш се залагала за екологијата и перформансите проследени со помала потрошувачка. Таа е пионер на хибридната технологија. Во новиот бран наречен електрични возила на батерии не се снајде најдобро, не затоа што не знае да направи такви возила, туку затоа што верува дека тие не се најприфатливо решение за омасовување во секое ќоше на планетата. Затоа остана доследна на својата филозофија и на хибридниот погон.

Сега во понудата има два типа на хибриди

RAV4 имаше самонапојувачки хибрид достапен кај повеќето модели на куќата, а на тој асортиман го додаде и приклучниот (plug-in) кого го возевме. Актуелната, петта генерација, на пазарот се појави пред шест години и доживеа благ редизајн неодамна. Тој се однесува само на дотерување на светлосните групи, додадвање на украсни елементи, усовршување на интериерот и беше искористен за лансирање на изведбата со приклучен хибрид.

Погонот на RAV4 PHEV го сочинува 2,5 литрен четири цилиндерски бензинец впарен со CVT менувач. На нив се надоврзуваат уште два електро-мотори сместени на секоја оска па така се добива и погонот на сите тркала и системска моќност од 306 КС. Да, добро прочитавте, 306 КС. Тие се добиваат од 185-те коњи кои ги испорачува бензинецот, моќноста на предниот електро-мотор е 134 киловати (182 КС) додека задниот има 40 киловати (55 КС).

Електричната коњица ја црпи енергијата од батерија со капацитет  од 18.1 kWh способна да даде енергија доволна да се поминат декларирани од 75 до 98 километри. Дали тоа е така ќе откриеме во нашето возење.

Во кабината

Интериерот на изведбата со приклучен хибрид се одвојува од внатрешноста на нехибридниот модел, но сепак даден е приоритет на практичноста пред стилот. Не дека стилот е изоставен.

Тој се забележува на седиштата пресвлечени со различни материјали и опшиени со црвен конец, на дофат на рацете применети се меки материјали, а насекаде низ кабината вметнати се детали од сребрено обоена пластика која ги врамува дифузорите за воздух, вратите и централната конзола. Иако има два дисплеја, интериерот не е лишен од физички копчиња задолжени за прозорците, клима уредот и функциите за асистенти при возењето групирани од двете страни на управувачот.

На возачот му рапортира 7,7 инчен мултифункционален дисплеј во боја, а инфо забавниот систем се командува преку девет инчен екран чувствителен на допир. Сите копчиња и контроли лесно се наоѓаат и ракуваат. За пофалба е аудио системот потпишан од JBL чии девет звучници и сабвуфер ја исполнуваат кабината со чист и квалитетн звук.

На задните седишта има доволно простор. Багажниот има капацитетот од 500 литри кој е сосема доволен, но тој нема никакви прегради и држачи за одложување на помали предмети што остава полош впечаток. На кратко сумирано, интериерот пружа пријатна атмосфера.

Зад управувачот

Велат дека класиката е секогаш во мода. Така е и на возачкото седиште. Ергономијата е одлична, прегледноста исто така. Со притискањето на копче го мобилизирате RAV4 за возење. Кога батеријата има енергија за движењето задолжени се електро-моторите. Тогаш RAV4 PHEV се однесува како секое електрично возило, тивко се движи, има изразена експлозивност и добар одговор на командите, особено на забрзувањето.

Индикаторот покажуваше дека би можел да поминам 72 километри на струја. Првиот дел го поминав возејќи во градски услови. Поради горештините клима уредот работеше со зголемен интензитет, функција која, покрај греењето, е најголем потрошувач на струја. Низ градот поминав триесеттина километри во кои забележав дека рекуперацијата добро  функционира, допринесува за полнење на батеријата и ја одржува автономијата.

На пат низ Македонија

Неа успеав да ја испразнам кај Велес. Потоа, за движењето задолжен беше бензинскиот мотор. Неговото работење е тивко. Кога забрзувате нагласено се слуша „напнувањето“ на CVT менувачот, но за ралика од претходно возените модели на Toyota со тој менувач, добив впечаток дека тука е нешто покултивиран. На сите надолнини и користење на сопирачките се активира рекуперацијата. Македонија е планинска земја и изобилува со превои.

Првиот дел од возењето го направив до Охрид преку Битола. Во тие 250 километри успеав да заштедам, односно да ја наполнам батеријата за дополнителни 20 километри кои ги извозев на струја претежно на рамничарските етапи од маршрутата. Она што ми се допаѓа е добрата избалансираност на управувањето и потпирањето па многу стресови зад воланот нема. Само неколку пати го употребив сиот потенцијал на сила. Сите 306 коњи успеваат да го забрзаат RAV4 од мирување до стотка за само шест секунди. Во неколку ситуации на претекнување ја притиснав педалата до подот.

На располагање е забележителна експлозивност која ја надополнува нервозниот звук од менувачот. Извонредно лошата делница  Охрид-Кичево, која стана наш национален срам, ја извозев како и сите што возат, бавно, во колона. На нерамниот асфалт и долгите колони немаше смисла да се форсира. Во економичниот мод на возење и со брзини помеѓу 50 и 70 км/ч до израз дојде удобноста. Вибрациите и ударите на нерамнините амортизацијата лесно ги „џвака“ . Тоа е благодарение и на 19 инчните тркала на кои се ставени „меснати“ пневматици. Она што пријатно ме изненади е што поголемиот дел од рутата ја поминав на струја.

Повторно искачување до Стража и спуштање кон Гостивар. Тука си дозволив мала одишка па не штедев туку возев во рамките на можното. Решив второто кафе да го пијам во Галичник. Возејќи натаму си дозволив краток излет вон асфалтот. Тука немаше некои предизвици. Сé се одвиваше рутински и предвидливо. Рака на срце, теренот не беше предизвикувачки, но сепак беше неасфалтиран пат по кого ретко поминуваат возила.

Тука ми остана само да го констатирам претходниот впечаток. Удобност во кабината, прецизно управување и зрело однесување на амортизацијата и механчките склопови. Кога се вратив на асфалтот на острите свиоци кон Маврово, при динамично возење и управување неколку пати се огласија системите за стабилизација на возилото со остра реакција, можам да кажам дури и претерана. Како возилото да сакаше да ми даде до знаење дека треба да уживам во живописните предели, не да аздисувам.

Тоа и го прифатив. До Гостивар е удолница и системот успеа да рекуперира струја за дополнителни 12 километри, па скоро до Тетово „едрев“ по патот. Кога се вратив во Скопје доживеав уште едно пријатно изненадување. На поминати преку 550 километри имав гориво за уште 280 километри и забележав просечна потрошувачка од 5,5 литри.

Приклучниот хибрид може да помине во комбинирани услови повеќе од 70 километри, но поради ефективниот систем на рекуперација, без надополнување на батеријата на полнач, јас успеав да поминам 112 километри на струја. Бев повеќе од задоволен и од себе и од Toyota RAV4 со погон со приклучен хирид.

Заклучок

Toyota RAV4 PHEV е зрело возило кое бргу се вовлекува под кожа. Ниту е најубавото, ниту нуди најдобри возни својства во класата. Сепак, тешко е да му се најде замерка, особено за ергономијата и удобноста. Во прилог доаѓа 10 годишната гаранција. Има една работа што никако не можев да поминам преку неа.

Кога ќе го стартувате возилото, потребно е забележливо време да се подигне оперативниот систем, не броев, но сигурно е повеќе од шест секунди. Тоа не оди во прилог на големината на Toyota, повеќе наликува на возила кои доаѓаат од кинески марки. За цената нема многу да коментирам. 56.900 евра чини тестираниот модел, кој како и сите останати традиционални марки го следи трендот на поскапувања.

Тоа и не ме загрижува многу бидејќи лесно е да се повика пријател кој ќе ви помогне во купувањето. Докажаниот Шпаркасе Лизинг секако дека ќе излезее во пресрет доколку имате 12.212 евра за учество. Во тој случај трпеливо ќе ве чека шест години да го отплатите своето возило со месечна рата од 50.000 денари. На здравје возење.

 

 

Сподели

Последни новости

Актуелни цени на горивата

  • еуросупер 95 - 80.50 ден
  • еуросупер 98 - 83.00 ден
  • еуродизел Д5 - 69.00 ден
  • течен нафтен гас - 48.00 ден
  • метан - 69.00 ден

Сакате да добивате известувања?

Зачлени се на нашиот NEWSLETTER