Volvo XC40 – Recharge Pure Electric P8

насловна Новитети

Коцката е фрлена!

На сцена стапи електричен ХС40 кој е прв Volvo на струја од неколкуте најавени за следните четири години

објавено 07 октомври 2020
Амбицијата да ја намали емисијата на СО2 за 40% на своите модели до 2025. година и до тогаш да постигне дури половина од новите возила со знакот на Volvo да бидат потполно електрични, а останатата половина да бидат хибриди започна да се остварува. Како што изјавуваат Швеѓаните муштериите покажале големо интересирање за XC40 Recharge P8 па секој примерок што ќе биде произведен годинава има купувач. Првите возила ќе се испорачаат следниот месец во Европа. Почетокот на сериското производство помина низ серија подготовки во фабриката во Гент. Белгијанците од тој град имаат богато искуство во производство на возила бидејќи до пред некоја година таму се произведуваа Ford Mondeo и Galaxy. Како целосно електрична верзија на најпродавано спортско-корисно возило на марката, XC40 е првото Volvo што ја доби наградата Европски автомобил на годината. Електричниот XC40 Recharge P8 се базира на компактната модуларна архитектура (CMA), напредна платформа за возила ко-развиена во рамките на Geely Group која впрочем е сопственик на шведскиот бренд.
XC40 Recharge P8 има погон на сите четири тркала и нуди предвиден опсег од повеќе од 400 километри со едно полнење според WLTP. Располага со 408 коњи, а батеријата може да се наполни до 80 проценти од својот капацитет за приближно 40 минути на системот за брзо полнење. Volvo важеше за најбезбедно возило долго време, а тој епитет сака да го врати. Инженерите работеа на високи безбедносни стандарди и целосно ја редизајнираа и засилија фронталната структура, бидејќи под хаубата нема мотор, така што патниците ќе бидат безбедни како во секое Volvo со класична архитектура. Пакетот батерии е заштитен со безбедносен кафез вграден во средината на каросеријата. Неговата поставеност во подот го намалува и тежиштето на автомобилот, со што е добиена подобра стабилност. Во внатрешнста иновативниот пристап кон целокупната функционалност им дава на патниците многу простор за складирање, на пример во вратите, под седиштата и во багажниот простор. Бидејќи нема мотор со внатрешно согорување, автомобилот им дава на возачите можност за складирање во просторот под капакот на моторот. Цените не би требало да ја надминат границата повисока за 30% во однос на ХС40 со термален мотор.