Volkswagen ID.4 » Во исчекување на премиерата

Top News Новитети

Во исчекување на премиерата

Новиот електричен кросовер на Volkswagen не можеше долго да остане тајна

Објавено на 19 јуни 2020 година

Кинеското министерство за индустрија и информатички технологии му го украде моментот на Volkswagen објавувајќи ја документацијата поднесена за добивање хомологација сосе фотографиите од ID.4. Овој електричен кросовер требаше да ја има својата светска премиера на салонот на автомобилите во Њујорк во април, но Volkswagen ја одложи за Детроит кој требаше да се одржи месецов. Во меѓувреме и двата салона беа откажани и ID.4 остана непретставен на јавноста – сé досега, кога тоа го сторија Кинезите. На Volkswagen сега му остана само да го потврди она што од порано го знаеме – дека овој втор модел изграден на електричната MEB платформа ќе се произведува и продава во Европа, Кина и Соединети Држави. На почетокот ќе биде достапен само со погон на задните тркала и електромотор од 201 KS, а потоа и со два електромотора со 302 KS кои ќе ги задвижуваат сите четири тркала. Долг е 4.592 mm, широк 1.852 mm и висок 1.629 mm, а има меѓуоскино растојание од 2.765 mm. Ќе биде понуден со повеќе пакети батерии, од кои најмоќниот ќе има 83 kWh и ќе овозможува автономија од 500 km.

клучни зборови: ,