Volkswagen го претстави ID.5 (видео, фото-галерија)

Top News Видео насловна Новитети

Електричниот SUV-купе и во спортската GTX варијанта

објавено на 4 ноември 2021

Volkswagen продолжува динамично да ја шири својата електрична понуда – сега на ред дојде ID.5 кој е купе верзија на веќе присутниот ID.4. Од него има задржано доста стилски елементи на кои им е додадена спортски спуштената линија на покривот. Сепак бидејќи измените во профилот не се толку истакнати, за дополнително да се разликува од ID.4 украсен е со некои детали од спортските модели на марката. На пример функционалниот заден спојлер, а кај GTX изведбата и мускулестиот дизајн. Купеовската силуета не наштети многу на просторот кој го има во доволна количина, вклучувајќи го и багажникот од 549 литри. Кабината која е скоро идентична доби единствени комбинации на бои и амбиентално осветлување на кокпитот, вратите и просторот за нозе. Нови технологии има колку сакате – почнувајќи од head-up екранот со проширена реалност преку гласовните команди до ажурирањето на софтверот преку интернет за сé да остане актуелно. Нештата како прилагодливиот темпомат или помошта при задржување на лентата на возење не треба ни да ги споменуваме.

Во поглед на погонските опции понудата на ID.5 малку се разликува од ID.4. Стартот е со Pro верзијата со погон само на задната оска и 174 коњски сили. Следи Pro Performance со иста конфигурација и 204 коњи, а на врвот секако е онаа што ја носи GTX значката. Таа обезбедува два електромотора со вкупно 299 коњски сили кои спринтот до сто ќе го истрчаат за 6,3 секунди. Сите варијанти добија батерии од 77 киловат-часа кои им овозможуваат автономија меѓу 480 и 520 километри. Значајно е што подржуваат полначи од 135 киловати кои за половина час ќе им обезбедат струја за поминување меѓу 320 и 390 километри. Цените и датумот на почетокот на продажбата сé уште не се познати, но реално е да се очекува да пристигне во првиот квартал идната година. Освен во Европа, Volkswagen има планови да го лансира ID.5 и на други пазари.