Volkswagen Arteon » Народен автомобил од високата класа

Top News Новитети

Народен автомобил од високата класа

После серија најави неколку месеци исчекување, Volkswagen го претстави обновениот Arteon

Објавено на 24 јуни 2020 година

Далеку од она што го значат двете преплетени букви V и W, знаменосецот на марката од Волфсбург е вистински ексклузивен модел. Сега уште повеќе, со додавањето на Shooting Brake изведбата. Со редизајнот, Volkswagen Arteon ја задржа препознатливоста на оригиналот лансиран пред три години. Естетското дотерување му донесе понадмен изглед на предниот дел и нов светлосен склоп. Нови светла има и назад, заедно со уште малку хром. Фастбек силуетата остана иста, но новата караванска верзија со својот спортско-елегантен момент делува вистински освежувачки. Поголемата практичност не го нарушува премиум чувството, заради што багажниот простор не претрпе поголеми измени – има зафатнина од (скоро) истите 565 литри, а со соборување на задната клупа нараснува на 1.632.

Ревидираната кабина ја красат нов управувач и благо изменети детали. Материјалите се малку поексклузивни, а инфо-забавниот систем помодерен. Опременоста доста е збогатена, иако некои нешта и понатаму останаа опционални. Под поклопецот на моторот најголемата новост е плаг-ин хибридниот погонски склоп. Не објавувајќи ништо друго за него освен дека има 218 коњски сили, Volkswagen за него вети долга електрична автономија што ќе ги израдува екологистите. За другите тука е R изведбата со дволитарски TSi со 320 коњи и R-Performance Torque Vectoring технологија за нивна распределба меѓу оските, но и меѓу задните тркала. Бензинската понуда ја заокружуваат уште агрегатите со 190 и 280 коњи, а на листата дизели се две можности, со 150 и 200 коњски сили.

Цените и точниот термин за доаѓање на пазарот ќе бидат објавени дополнително.

клучни зборови: ,