Volkswagen – електрофанзива

Вести Новитети

Пет електрифицирани верзии на Golf

Популарниот Golf доби две плаг-ин и три изведби со умерен хибрид со 48V систем

објавено 01. септември 2020

Електричната офанзива на Volkswagen добива уште пет нови дивизии. Борбата против загадувањето и почиста околина предводена од потполно електричните  возила ID.3 и ID.4 се засилува со уште пет хибридни изведби на евргринот Golf. Најбројни, дури три изведби, ќе бидат со умерен хибриден погон со батерија силна 48V.

Овој систем за прв пат се вградува во Golf и од надвор ќе се препознава преку ознаката eTSI. Зад неа ќе се кријат две изведби со бензински TSI мотори, првиот еднолитарски (110 кѕ) а другиот со капацитет од 1,5 литри (150 кѕ). Двата се штедливи колку и силни благодарение на дополнителната електрична поддршка која овозможува намалување на просечната потрошувачка до 0,7 литри на 100 километри. Третата верзија со 130 коњи ќе се претстави во следните месеци. Сите изведби на еTSI се опремени со седум степен DSG менувач и накитени во три нивоа на опременост започнувајќи од практичната Life преку ексклузинвата Style и спортската R-Line. Веќе препознатлив дел од понудата на Volkswagen се плаг-ин хибридите. За оваа пригода подготвени се верзии со вкупна сила од 204 кај Golf eHybrid и 245 кѕ Golf GTE.

Овие перформанси мора да се во склад со стрикните еколошки норми, па се опремени со батерија со поголем капацитет за 50% во споредба со седмата генерација на Golf, која сега е зголемена на 13 kWh. Од неа црпи енергија електромоторот кој додека има залихи ја погонува каросеријата сам а потоа се вклучува и TSI моторот. И двата по потреба работат заедно. Со зголемувањето на батеријата се зголеми и електричната автономија која сега изнесува 80 километри додека дострелот е зголемен на вкупно 870 километри кај Golf eHybrid. Поради изедначувањето на перформансите со Golf GTI, моќната GTE верзијата има намалена електрична слобода на 62 километри и може да помине вкупно 745 километри. Комерцијализацијата во Германија започнува деновиве. Осмата генерација на Golf е веќе претставена во Македонија, но продажбата ќе започне од јануари. Од Порше Македонија добивме потврда дека сите електрифицирани верзии на Golf ќе бидат достапни на нашиот пазар. Првично ќе бидат понудени изведбите со умерениот хибриден 48V систем, а во текот на годината и двата плуг-ин хибриди.