Во малото е убавината
Audi ќе ја прошири Q-гамата и со уште помал модел
Објавено на 19 март 2018 година
Кога се развиваше, за сега најмалиот кросовер на Audi се знаеше дека ќе биде означен како Q1, но се појави со една бројка поголема ознака. Тоа автоматски значеше дека во Q-гамата на Audi има место за уште еден ваков модел, но никој не сакаше да прогнозира кога тој ќе се појави. Очигледно успехот на Q2 придонесе работите да се одвиваат со забрзано темпо бидејќи тој ќе биде најмалиот кросовер на марката уште некоја година – најдоцна до крајот на 2020-та ќе пристигне и помалиот Q1. Иако неофицијални, овие вести се извесни бидејќи пазарната клима во таа насока ги движи трендовите. Според нив како основа за Q1 ќе послужи најмалата верзија на MQB платформата, која ги поддржува најновите генерации мотори – од трицилиндричниот 1,0 литарски турбо бензинец до 1,6 литарскиот дизел. Скоро веројатно е дека Q1 ќе биде достапен и во хибридна и електрична верзија, но не и дали ќе има 4×4 погон. Треба да се произведува во погоните на Seat во Шпанија, а за цената се шпекулира дека ќе изнесува околу 19.000 евра.