Виртуелен тркач што стана реалност
Треба да им благодариме на дигиталните технологии што ни овозможуваат фантазијата да стане реалност, а реалноста уживање во животот
Објавено на 24 април 2018 година
Дигиталните технологии одамна се насекаде околу нас, но не и на начин како што тоа го направи Audi. Имено, инженерите на марката не сакаа да се помират концептот e-tron Vision Gran Turismo да остане да живее само во виртуелниот свет. Иницијално креиран за истоимената видео игра за PlayStation 4, тие го ангажираа сиот свој потенцијал. Користејќи дел од компонентите позајмени од идниот Audi e-tron, направија вистински и целосно функционален автомобил. Восхитувачки со својата појава, овој прототип располага со три електромотори – два за задните и еден за предните тркала. Вкупната моќност од 815 коњски сили ќе го забрза до сто километри на час за само 2,5 секунди. Малата тежина од 1.450 килограми ќе го однесе до максимални 250 на час. Нејзиниот идеален 50:50 распоред треба да му обезбеди ултимативни возни својства, кои за жал ќе останат неискористени. Иако ветувачки, овој електричен болид ќе служи само како тркачко такси возило. Неговата намена е да ги разнесува официјалните лица и гостите на натпреварите на формула Е. Но којзнае – можеби емоциите што ќе ги разгори ќе го предизвикаат Audi уште еднаш да ја преиспита неговата иднина.