Нов предизвик за урбаниот живот
Премиерата требаше да му биде на салонот во Женева, но тогаш настапија вонредните околности…
Објавено на 24 април 2020 година
После повеќе години премислување, Toyota зачекори во сегментот на мали урбани кросовери. Марката таму ќе ја преставува Yaris Cross, кој е развиен и дизајниран според желбите и потребите на европските купувачи. Познатата основа има исто меѓуоскино растојание, но кросоверската форма му подари поголеми габарити. По должина порасна за 24 сантиметри, по широчина за 2 а по височина за 9 сантиметри. Поголемо е и растојанието од подлогата кое заедно со електричниот погон на сите тркала му овозможува вистински теренски способности што е реткост во класата. Тоа е постигнато благодарение на хибридната технологија од четвртата генерација, која испорачува 116 коњски сили. Пакетот го заокружуваат безстепената трансмисија и литиум-јонските батерии.
Дизајнерски гледано, овој модел е нешто сосема ново во гамата на јапонскиот производител. Ќе се најдат сличности и со Yaris и со останатите кросовери, но сепак неговите линии се уникатни. За жал малку конзервативно воздржани, барем во споредба со поголемиот C-HR. Слично е пристапено и во внатрешноста, каде приоритет е даден на практичноста. Затоа таму ќе сретнеме многу трендовски технологии, но и функционални решенија. На пример деливата задна клупа во сооднос 40:20:40 и отворањето на задната врата со мавтање на ногата под браникот. Багажникот пак кој има зафатнина од 390 литри е дводелен и опремен со каиши за прицврстување на товарот, што посебно ќе им се допадне на оние кои практикуваат активно да го поминуваат слободното време во природа.
Toyota Yaris Cross за Европа ќе се произведува во Франција, од каде од средината на идната година се очекува да излегуваат годишно по 150.000 илјади примероци. Цените засега не се споменуваат, но реално треба да се очекува да стартуваат од околу 20.000 евра. Пред тоа ќе биде понуден и на јапонскиот пазар каде ќе биде на располагање и со 80-коњски бензински мотор без хибридна поддршка, спарен со мануелен менувач.
Видео