Toyota Yaris едиција 2020 » Помал, посилен, побезбеден

Помал, посилен, побезбеден

Иако Yaris веќе е добро докажан кај купувачите, Toyota на пописот на неговите предности додаде уште некои

Објавено на 16 октомври 2019 година

Убавината е релативна, но шармот не. Доказ е малиот Yaris на Toyota кој две децении шармирајќи го светот стигна до својата четврта генерација. Помал, посилен и побезбеден тој и понатаму ќе го чини тоа не оставајќи многу нешта кои можат да му се замерат. Едно од нив сигурно нема да биде дизајнот бидејќи сега изгледа доста позрело. X-лицето е напуштено и неговите остри црти заменети со заоблена и длабоко кон дното извлечена маска. Отворите за воздух отстрана потсетуваат на борбен авион, а светлата на строг учител кој со поглед ве предупредува кога сте немирни на час. Немирен всушност е духот на новиот Yaris кој се огледува од како клин закосената силуета со високо издигнати задни бокови. Светлата во нив се модерни до толку што изгледаат малку несоодветни за возило со ваква големина. А сега е уште помала и покрај тоа што Yaris беше еден од најмалите во класата. Иако е пократок од 4 метри, тој има за 5 сантиметри поголемо меѓуоскино растојание. Заедно со новата технички напредна платформа тоа е заслужно за поголемиот простор во внатрешноста. Во прилог на тоа направен е мал трик со седиштата кои се монтирани пониско. Помала е и висината, а и тежиштето е спуштено што го прави Yaris полесен за возење. Посебно во свиоци, од кои најдобро ќе се извлекува со новиот хибриден агрегат. Ќе биде трицилиндричен 1,5-литарски со сé уште непозната силина, направен по углед на оние во Corolla и Camry. Придружениот електромотор ќе дава 59 киловати и 140 њутн-метри, а батерија конечно е литиум-јонска. Од Toyota велат дека во однос на актуелниот модел ќе штеди до 20 отсто гориво и за исто толку ќе има помали штетни емисии во издувните гасови. Останатата моторна понуда е составена од бензинците од 1,0 и 1,5 литри. Деталите ниту за нив не се познати, а дизелите секако се исфрлени.

Што се однесува до внатрешноста таа изобилува со безбедносна опрема. Yaris ќе биде првиот мал автомобил со централно воздушно перниче кое се активира меѓу двете предни седишта. Активниот темпомат кој може целосно да го запре возилото и помошта за одржување на лентата на возење се стандардни. Големината на управувачот кој може да биде загреван е нешто помала, како дел од филозофијата на Toyota наречена „очи на патот, раце на воланот“. Затоа на списокот опрема е додаден и head-up дисплеј. Во внатрешноста се користени материјали со кои се дава поголема важност на боите, а управувањето со контролите е поедноставено. Пријатното чувство е истакнато со амбиенталното осветлување, а инструментите се дигитални со модерна но ненаметлива графика.

По многу нешта интересна, четвртата генерација на Yaris ќе започне да се продава во февруари. Најпрво на јапонскиот пазар каде ќе биде достапна и со електричен погон на сите тркала. За Европа и понатаму ќе се произведува во погоните Франција, каде Toyota вложи 300 милиони евра за приспособување на новата платформа. Воедно капацитетот е зголемен на 300 илјади автомобили годишно. Лани на Стариот Континент се продадени 216 илјади примероци од Yaris, додека учеството на хибридната верзија во моментов изнесува 60 отсто. Очекувањата се овој процент уште да се искачува, што ќе зависи од цените кои не се објавени.

Сподели

Последни новости

Актуелни цени на горивата

  • еуросупер 95 - 80.50 ден
  • еуросупер 98 - 83.00 ден
  • еуродизел Д5 - 69.00 ден
  • течен нафтен гас - 48.00 ден
  • метан - 69.00 ден

Сакате да добивате известувања?

Зачлени се на нашиот NEWSLETTER