Првата продадена за неверојатни 2,1 милион долари!
Името Supra им значи многу на вистинските љубители на автомобили, затоа и со нетрпение се очекуваше Toyota да го покаже моделот што ќе продолжи да го ѕида неговото наследство
На него долго се чекаше, факт што ентузијастите го толкуваат дека тој ќе биде совршен. Конечно и тоа се случи – спортската легенда зачекори на овој свет во своето ново руво. А тоа иако ни изгледа познато заради концептите со кои беше најавувана, нималку не е невозбудливо. Напротив, дури и да не сте заљубеник во спортското возење Supra ќе предизвика емоции кај вас. Од Toyota велат дека токму тоа е во самата срж на ова купе. Првите впечатоци го потврдуваат нивното мислење. Дури и повеќе, кога се знае дека под кожата е заеднички производ со BMW и дели многу работи со новиот Z4. Официјалните бројки кажуваат дека нејзиниот трилитарски шестцилиндричен турбо мотор има 340 коњски сили. Осумстепената автоматика ќе ја забрза Supra до сто на час за 4,3 секунди, но максималната брзина за жал електронски е ограничена на 250. Во првично објавените спецификации потрошувачката не се споменува, но и онака никој нема да праша за тоа. Она што ќе ги интересира сите е цената, која за Америка е поставена на 50 илјади долари.
Внатрешноста на овој атлетски двосед е едноставно и прегледно решена, а опременоста засега не е докрај дефинирана. Се знае дека во бројните електронски асистенти ќе бидат launch control системот и адаптивното ослонување. За целосна безбедност ќе се грижат активниот диференцијал и автоматското запирање во итни случаи. Но за комплетно задоволство во возењето се очекува нејзина посилна верзија. Дали е во план од Toyota засега не кажуваат. Место тоа се слушна дека овој чистокрвен спортист ќе биде понуден и со дволитарски турбо мотор, и тоа со две различни моќности. Колку има вистина во тоа ќе дознаеме летово, кога најжелно очекуваниот автомобилски новитет последниве години ќе тргне во освојување на пазарните меридијани. Иако ќе се произведува во фабриката на Magna Steyr во Грац, Австрија, првата година за Европа ќе бидат одвоени само 900 примероци.
Колкав е интересот за Supra потврдува цената на првиот, на аукција продаден примерок, која се искачи до неверојатни 2,1 милион долари! Погледнете го видеото, вреди за времето што ќе го потрошите на тоа. Секако, парите отидоа за добротворни цели.
Видео