Уште едно комерцијално возило на Toyota од Stellantis
Соработката меѓу Stellantis и Toyota на полето на комерцијалните возила искачена на ново ниво
После ProAce и ProAce City, сега пристигнува и ProAce Max – комерцијално возило кое ние го познаваме како Peugeot Boxer, Citroen Jumper, Fiat Ducato или пак Opel Movano. Така, со едноставна промена на логото Toyota ја комплетираше својата европска понуда во доставниот сектор. Можеби не изгледа така, но во ваквиот потег на јапонскиот производител нема ништо лошо – споменатиот комби е ултрапопуларен секаде низ Европа (па и во другите региони низ светот) и во оваа генерација е присутен на пазарот уште од 2006 година. Постојаното усовршување доведе до негова електрификација, со автономија од 420 километри, верзија која Toyota посебно ја истакнува во неговата понуда.
А таа како и неговите останати браќа и полубраќа, се состои од шест конфигурации засновани на две меѓуоскини растојанија, три должини и три височини, со максимална зафатнина на просторот за товар од 17 кубни метри, а ќе може да се доби е и како шасија кабина со еден или два реда седишта. Има ЛЕД светла, алуминиумски тркала, дигитална инструмент табла и инфо-забавен систем со безжична конекција за телефон. Други детали не се објавени, ниту пак како изгледа внатрешноста. Засега не се знае ниту која ќе биде цената и кога ќе се најде на пазарот.
Во веста за лансирањето на ProAce Max, Toyota споменува и дека наскоро ќе подготви 48-волтна хибридна верзија на Hilux.