Toyota – bZ4X

насловна Новитети

Само на струја, конечно!

Пионерот во хибридизацијата го претстави своето прво целосно електрично возило

објавено 01. ноември 2021

Неговото име можеби звучи како математичка формула, но bZ4X е извонредно значаен за Toyota бидејќи е првиот модел со електричен погон снабдуван од батерии. Иако е кросовер, изграден е на сосема нова платформа развиена за оваа намена, што укажува дека bZ4X нема да има верзии со бензински или хибриден склоп.

 

Кога ќе се појави на пазарот, во текот на идната година, ќе се натпреварува со VW ID4 и Ford Mustang Mach-E. Кратенката bZ (beyondZero) го означува електричниот карактер додека 4Х погонот на сите тркала кој е опоционален. Во споредба со RAV4, bZ4X е осум и пол сантиметри понизок и има 16 сантиметри подолго меѓуоскино растојание. Маркантната каросерија е поставена на 20 инчи тркала што го нагласуваат теренскиот изглед. Предниот дизајн ќе се најде во слична форма на сите идни БЕВ модели на марката. Панелот во тесната долна решетка на ладилникот го насочува воздухот за ладење кон батеријата кога е потребно и го намалува отпорот на воздухот. Целосниот капак на подвозјето, дводелниот спојлер на покривот и задниот дифузер и спојлер го одржуваат коефициентот на отпорност низок. Системот за погон на сите тркала е развиен заедно со Subaru и нуди различни поставки.

Изведбата со погон на предните тркала испорачува 201 КС и 256 Њутнметри, но се најавува овие параметри да се зголемат на 215 коњи и 336 Nm. Двете верзии ќе спринтаат до стотка за околу осум секунди а поради електронските ограничувања ќе достигнат максимални 160 км/ч. Иста ќе им биде батеријата од 71,4 kWh со очекувана автономија од 450 километри. bZ4X има конекција за брзо полнење со 150 kW и може да се нарача и со соларен покрив за дополнително напојување на системската енергија. Внатрешноста се карактеризира со екрани пред возачот и на централната конзола, интериер обложен со ткаен текстил и мат детали. Багажникот собира околу 450 литри. Останува да се види дали формата на воланот прикажана во Concept bZ4X ќе биде дел од сериските модели. Комерцијализацијата ќе започне во почетокот на 2022 со очекувана цена за основната изведба од околу 40.000 евра.