Toyota подготвува врелата верзија на Corolla
Семејниот хечбек на Toyota ќе ја добие GR значката
Објавено на 7 април 2020 година
Се шушкаше веќе некое време, а сега излезе и на виделина – Toyota GR Corolla ќе се појави на пазарот во 2023 година. Јапонците официјално не ја потврдија веста но затоа започнаа да ја заштитуваат оваа ознака. Такво барање засега е поднесено само во Австралија, но наскоро сигурно ќе слушнеме дека истото е направено и на други пазари. Според шпекулациите, GR Corolla ќе го има истиот 1,6 литарски мотор од возбудливиот GR Yaris, кој наиде на одличен прием. Овој турбо трицилиндричен агрегат за него развива 268 коњски сили, бројка која за GR Corolla би можела да биде намалена на 250. Причината зошто така се зборува не е докрај јасна, освен ако во прашање не се некои нови еколошки мерки кои дотогаш ќе стапат на сила. Тие уште на старт ќе му донесат хендикеп на овој врел хечбек во битката со ривалите како Honda Civic Type R, Hyundai i30, VW Golf R или пак Ford Focus RS. Исто така не е позната ниту трансмисијата, ниту пак дали ќе има погон на сите тркала. Сепак едно е јасно – TNGA архитектурата на која почива Corolla дозволува инженерите на компанија да им подарат исклучителни возни својства.