Tesla Model S со автономија од 610 km!
Објавено на 17 јуни 2020 година
Илон Маск уште еднаш ги подигна стандардите – Tesla Model S сега може да се набави во Long Range Plus верзија која има автономија од 610 километри според WLTP нормите, односно 402 милји (647 km) според американските EPA стандарди. Овој успех на инженерите на Tesla е резултат на константните и сеопфатни подобрувања на софтверските и хардверските компоненти на автомобилот, заради што од компанијата нагласуваат дека досегашниот капацитет на батериите од 100 kWh не е зголемуван. Наместо тоа, редуцирана е тежината на возилото, аеродинамиката е оптимизирана и монтирани се пневматици со намален отпор на тркалање. Оваа верзија на Model S во САД чини 74.990 долари, а кој сака, за 20 илјади долари повеќе, ќе ја добие и Performance изведбата која забрзува до 100 km/h за 2,5 секунди и постигнува максимални 261 km/h, но ќе добие нешто помала автономија од 593 km. Истовремено од Tesla објавија дека сега батериите за само 15 минути можат да се наполнат доволно за поминување 214 километри на некои од нивните преку 16.000 суперполначи ширум светот.