Екологистите против производството на еколошки возила
Tesla мораше да повлече рачна сопирачка за изградбата на својата гигафабрика во Германија
Објавено на 19 февруари 2020 година
Локалните екологисти во германската покраина Бранденбург успеаја да издејствуваат одлука на судот со која се запираат сите дејствија за изградба на фабриката на Tesla во близината на Берлин. Причината е сечењето на 92 хектари шума каде треба таа да се изгради, која патем кажано е полна бомби од втората светска војна. Тие сметаат дека со уништувањето на зелениот рај како што го нарекуваат ќе бидат загрозени живиот свет и водните ресурси на околината. Судот се согласи со нив и наложи веднаш да запрат сите активности на американската компанија, која иако веќе го има купено земјиштето всушност сé уште нема добиено официјална дозвола да започне со градба на својата гигафабрика, што значи дека сé што работи е на своја рака. По игра на случајот, на истото земјиште BMW пред 20-тина години сакаше да гради фабрика, кога таму тогаш немаше шума. Плановите се изјаловија, а во меѓувреме борчињата пораснаа давајќи дом на богатиот животински и растителен свет.
Планот на Tesla беше до крајот на месецот да го расчистат теренот од 300 хектари (на кој се простираат спорните 92 хектари шума) за да може до средината на идната година новата фабрика да започне со производство. Таа треба да има капацитет за 500.000 електрични возила.