Tesla доби дозвола за производство во Кина
Објавено на 21 октомври 2019 година
Со запишувањето на компанијата во регистарот на авто-производители, Tesla ја помина и последната административна пречка за отворањето на својата фабрика за електрични автомобили во Кина. Наречена Gigafactory 3 таа се наоѓа во Шангај и според некои претходни најави технички веќе е подготвена за старт на производството. Официјалниот датум за нејзино пуштање во работа сепак сé уште не е објавен. Во план е од неа да излегуваат по 1.000 примероци на Model 3 неделно, бројка која би била достигната веќе до крајот на годинава. Заради пониските давачки како локален производ и веќе добиените даночни бенефиции, тие би биле поевтини за скоро 14.000 долари отколку сега, кога се увезуваат од САД. Покрај Model 3, во иднина таму ќе се произведува и помалиот кросовер Model Y.
Оваа фабрика е прва во Кина со комплетно странски капитал. Има иницијален капацитет за 250.000 возила годишно кој е во план двојно да се зголеми, а во неа Tesla вложи околу 2 милијарди долари.