Subaru – Outback

насловна Новитети

Пристигна во Европа

Subaru е упорен иако не очекува голема продажба

објавено 01. март 2021

Во време кога останатите јапонски производители го напуштаат или го ограничуваат своето присуство на европскиот пазар, после сериозно двоумење Subaru ја лансираше шестата генерација на Outback и на Стариот Континент. Купувачите се малку збунети затоа што не знаат колку таа всушност е нова или задоцнета, но оние што ги ценат традиционалните вредности на марката ќе немаат дилеми.

Имено, една од причините зошто Subaru кој во Европа продава триесет пати помалку возила отколку во Америка сé уште се интересира за овој пазар е претстојната модернизација на гамата со новите технологии што ќе ги добие од Toyota. Но тие засега сé уште не се подготвени за вистински напад на пазарот, заради што Јапонците се одлучија додека се чека на нив да нé потсетат на добрите стари вредности на возилата од својата марка. А Outback кој како модел беше претставен во 1995 година, ги има доволно. Сите добро знаеме кои се тие – кросоверскиот настап придружен со боксер моторот, симетричниот 4×4 погон и инженерскиот пристап кон карактеристиките на возилото. Традиционалноста сепак не ги стави во втор план практичните особини кои и во оваа генерација ги вклучуваат робусноста без влијателно учество на помодните трендови. Ни тие секако не се запоставени, па така во модернизираната внатрешност паѓа во очи големиот централен екран чувствителен на допир.

Квалитетот на употребените материјали и понатаму е на ниво на премиум конкуренцијата, а зголемените димензии на возилото заради новата платформа обезбедуваат и пораскошен простор во кабината и багажникот. Механичката концепција остана иста – 2,5 литарскиот атмосферски агрегат сега со 169 коњи ги задвижува сите тркала кои се поставени на ново ослонување. Во поглед на моторот јапонските инженери истакнуваат дека дури 90 отсто од компонентите се нови или модификувани, главно заради задоволување на построгите еколошки прописи. Како бонус тие додадоа и опции за искористување на неговата сила според две претходно дефинирани можности, со акцент на ефикасноста или на динамичноста. Сериозно изменета е и конструкцијата на безстепената CVT трансмисија, заради што Outback сега има подобри перформанси. Теренските својства кои и понатаму останаа во фокусот покрај сé друго се истакнати и со клиреност од здрави 21 сантиметар и дополнети со цела низа напредни системи за помош на возачот. Цената му остана на ниво од околу 40.000 евра за моделот со основна опременост.